Охрид СОС: Ден после победата новиот градоначалник уништува зеленило

Соопштение на иницијативата „Охрид СОС”.

„Само ден после изборната победа, Константин Георгиески – официјална страна и Општина Охрид почнаа со спроведување на изборната програма. Но не почитувани сограѓани, не тоа што беше напишано на флаерите кои се оставаа по поштенските сандачиња и возилата. Ова е вистинската програма. Никакво зачувување на животната средина, никаков мораториум за градба кој беше препорачан од УНЕСКО, нема потреба од паркови, зеленило, иако е ова можеби последниот голем парк помеѓу станбени згради преостанат во градов. Ништо од тоа. Механизацијата е веќе донесена на оградената локација, се чека само свечено пуштање од страна на новиот градоначалник.

Се работи за заградениот простор пред ПЗУ „Медикор“ кај кружниот тек пред бензинската „Билјанини извори“. Овде се предвидува изградба на П+5 или 6+По со квадратура од 300m2 во основа, на самото зеленило, пред прозорците на постоечката зграда. Станарите ја водат битката за овој зелен простор и воздух подолго време и веќе по петти пат добиле позитивно решение на нивите жалби, но исходот е овој. Зошто Goran Sugareski, односно Министерство за транспорт и врски го поништува последното решение? Дали ќе истапат со конкретни и детални информации?

Кога се бара гласот на народот, на граѓаните, жителите на општината, се пишува едно, се кажува едно. Кога ќе се добие функцијата, се спроведува друго. Овие фотографии ќе се достават до UNESCO, но и други меѓународни институции. Со вакви практики, следниот месец на годишната конференција на Комитетот за светско наследство (World Heritage Committee) треба да очекуваме дека охридскиот регион ќе биде ставен на листата природно и културно богатство ВО ОПАСНОСТ.

Ако е ова новиот почеток, ако се ова активностите и на новиот градоначалник, што да очекуваме следно? Доградба на хотелот-дивоградба во Лагадин? Повторно легализирање на дивоградбите покрај брегот на езерото, за кои објавивме? Континуирана урбана експанзија, иако на зима веќе и овде се чувствува загаден воздух? Уништување на појасот трска за новите хотели да имаат убави плажи и чист излез на езеро? Бетонирање на крајбрежјето и нови концесии за угостителски објекти на јавни плажи?

Вака не одиме заедно напред. Ова не е заедничка придобивка, или јавен интерес. Во време кога скоро секојдневно се сечат дрвја, се намалуваат зелените зони во градот, наместо засадување нови, се продолжува со уништување и на други површини. Неодамна и кај поранешниот Расадник се докрајчи преостанатиот зелен појас, за да се ископаат темели и на уште една нова зграда. Зграда до зграда, бетонирање на секоја педа. Која е целта на вашиот мандат? Во чие име и за чија сметка делувате?”