Кич популизмот на Власта

Исмаил Реџеп (Хактан), член на Президиумот на Левица

Во очи на вториот круг од претседателските избори, имајќи ги на ум резултатите од првиот круг, ми се врти една древна арапска мудрост која покрај младоста, изустениот збор и фрлената стрела, уште и пропуштената прилика нѐ потсетува дека од аспект на моментумот се работи кои не можат да се вратат. Оттука, без некоја посебна забелешка, обвинување, потценување или на било каков начин омаловажување кон бојкотирачите, сметам дека пред овој деликатен момент треба да преовлада мудроста над емоцијата и да не се пропушти приликата да се казни актуелната власт, излегувајќи на гласање токму против нејзиниот кандидат. Имено, на изборите замислени во либералната демократија освен што може да се гласа ЗА може да се гласа и ПРОТИВ, а секој кој е против оваа деструктивна коалиција на власт, составена од СДСМ-ДУИ + (бонус) Мијалковото ДПМНЕ, треба да гласа во насока на тоа да НЕ се дозволи една ваква збирштина да добие апсолутна власт во државава. Односно, да се гласа ЗА Професорката Гордана Силјановска Давкова.

Треба сосема да се разбере зошто кај бојкотирачите преовладува емоцијата наместо мудроста. Во историјата на независна Република Македонија, без разлика која од двете доминантни партии била на власт, трендот на обезличување на народот останал ист до ден денеска. Оттаму, ако се погледне со аналитички ум (а не политички) треба да се подвлече дека случајот со промена на името (како колуминација на безличието) е последица на континуираното слабеење на моќта на народот низ целиот период од осамостојувањето на Македонија, преку негово осиромашување како последица на неолибералните политики инсталирани под покровителство на империјалистичките институции како што се НАТО, ЕУ, ММФ и ним слични. Но сега, кога станува збор за претседателски избори, треба да се има на ум дека ваквата институција во политичкиот систем на Македонија е инокосен орган, што значи личноста, дигнитетот и карактерот на претседателот се многу важни детерминанти во тоа како тој (кандидатот), доколку биде избран, ќе ја практикува функцијата утврдена според Уставот и останатите правни акти. Тука Силјановска, како неприкосновен авторитет во нејзината професионална преокупација, е далеку во предност над Пендароски, кој е типичен партиски бот на Власта и кој има само еден принцип – лична корист и патетична себепромоција.

Нема што повеќе да се каже по однос на дилемата бојкот или гласање (дефакто за Силјановска). Горе-долу познати се исходите од бојкотот како средство на отпор кон антинародните политики на актуелната Власт. За нив може повеќе да се прочита во колумната на Димитар Апасиев.

Подолу сакам да се осврнам на перфидниот кич-популизам на Власта низ текот на оваа кампања. Притоа, занемерувајки ја онаа багра на „независни“ која што е целосно во скутот на власта, но истовремено и свесна за својата некадарност, подмукло ги поддржува владините политики. Се разбира, главен мотив за тоа се ситни бенифиции кои ги имаат како резултат на оваа нивна оддаденост на Власта.

Популизмот сам по себе не е лош, се разбира. Лош е само лошиот популизам. Впрочем, политиката има смисла само кога масовно се вклучени масите, а не препуштена единствено на избраните претставници како од горе дадени. Во оваа смисла, најавените решенија на Власта во случај на неисполнување на цензусот се антидемократски и елитистички во самата срж. Но, тоа не е изненадувачки, СДСМ како елитистички шлајм отсекогаш државата ја гледале како своја сопственост, па се поинаку во било кои околности го сметале за неправедно. Запазете ја само дегутантската логика на премиерот после доживеаниот шок од резултатите во првиот круг на изборите. Имено, тој ја сфатил пораката, но дека заради лошите политики на локалната и централната власт не сме требале (ние со право на глас) да ја казниме државата!? Имено, тој државата си ја поима како своина – државата, тоа е СДСМ и нивниот кандидат! Што е државата, побогу, ако не власта (локална и централна) во вашите раце!

Најподмукла рефлексија на владиниот кич популизам во оваа кампања беше нивната политичка борба која се карактеризираше со намалување на вредноста на противкандидатот. Односно, во овој случај, Силјановска преку кампањата на СДСМ беше окарактеризирана како „продолжеток на груевизмот“. На ваквата небулоза доволно е да се забележат две работи. Прво, власта поради својата некадарност, дури и после половина истеран мандат сѐ уште се обидува да игра на картата на која впрочем и дојде на власт – како помало зло! Па оттаму, сакајќи да шири страв, таа продолжува ВМРО да го претставува како најголемото зло на кое алтернатива му е само помалото зло. И второ, етикетирањето „ВМРО-вски“ кандидат во овој момент најповеќе би важело токму за Пендаровски отколку тоа што може да се каже за Силјановска. Имено, ВМРО-то како највисоко зло на кое, во обид да се дискредитира противкандидатот, алудираат овие перјаници на власта е токму тоа ВМРО кое е владин клучен партнер во спроведување на нелегалните уставни измени за промена на името и амнестирањата, како и бегства на клучните виновници од минатиот режим!

Перфидна е пропагандата на СДСМ и по однос на нивните обиди во тоа да поддршката дадена за Силјановска, како и ставовите против Преспанскиот договор и Законот за двојазичност, ги престават како националистички. А од друга страна, претпоставувајќи дека сограѓаните Албанци се вгушени со оглавчето на нивниот коалиционен партнер ДУИ, кокетираат со етно-сентиментот како најпргав и најопасен национализам кој може да се вметне во ова наша опкруженост. Со што на овој начин Власта покажува дека нема намера, а пак ниту капацитет, да излезе од ваквата етничка матрица во политичкото. Безсушниот и тотално празен и ништозначен, слоганот на нивната кампања „Општество за сите“ токму ја отсликува институцијата Претседател на Република Северна Македонија во рацете на СДСМ и ДУИ.

Јас верувам дека Албанците нема да дозволат да бидат потценети. Како што впрочем беше случај и за време на референдумот, ќе го одбијат ваквиот груб и омаловажувачки однос кон нив како електорат кој треба да гласа на дугме и да служи како „баба рога“ за нивните сограѓани Македонци. Напротив, сметам дека овој пат, Албанците не само што ќе го казнат ДУИ, туку ќе го казнат и Пендаровски гласајки за Силјановска како кандидат на ВМРО-ДПМНЕ и воедно личност која ја претпочита пред сѐ компетентноста и сушноста како сврзувачки елементи, наспроти етничката обланда на политичкото како разединувачка и крајно регресивна пракса. Впрочем, да бидеме искрени, ДПМНЕ како партија никогаш не предизвикале нешто посериозно што може да се окарактеризира како директен акт против Албанците како етничка група во Македонија. Додека пак, токму Стево Пендаровски беше техничка поддршка на партијата во чие време се тепаа и апсеа Албанци во Гостивар за поставено парче ткаенина (знаме) на јавно место.