Левица: Фашизмот е плачот на капитализмот, кој се гуши во рацете на работничката револуција!
Политичката Партија Левица преку својата официјална ФБ страна го честита 9 мај, денот на победата над фашизмот. Во целост ви го пренесуваме нивното соопштение.
74 ГОДИНИ ОД ПОБЕДАТА НАД ФАШИЗМОТ
На денешен ден капитулира Нацистичка Германија. Со тоа се означува крајот на Втората Светска Војна, војна во која својот живот го изгубија над 70 милиони жители.
Фашизмот е фронтален и директен напад против работниците и работничките движења од сиот свет. Во XX век, големопоседниците живеат во страв поттикнат од меѓусебните конфликти како производ на многубројните социо-економски контрадикции, создавањето на првата работничка држава – СССР и замавот на силни работнички движења и партии кои стремат да ја освојат власта. Тие својот спас и опстојувањето на општествениот поредок кој им дозволил да се богатат од работничката пот повеќе не го гледаат во умерените партии, па набрзо многубројни компани, меѓу кои и Хуго Бос и Мерцедес, застануваат позади фашистичките партии кои се јавуваат низ Европа.
Фашизмот е реакција на општеството кое што изумира и е подготвено да прогресира напред, да заземе нов облик и ново уредување. Фашизмот е најсуровиот обид да се спречи одумирањето на капитализмот, да се спречи триумфот на работникот врз својот газда, на угнетениот врз угнетувачот, на слугата врз господарот. Фашизмот е избезумениот крик на владеачката класа, која ја губи контролата врз своите поданици. Фашизмот е плачот на капитализмот, кој се гуши во рацете на работничката револуција.
Нека ни е среќен 9 мај, денот на победата над фашизмот!