Џејмс Коноли: Социјализам и Национализам

На денешен ден, пред 103 години, бил убиен Џејмс Коноли (ирски: Séamas Ó Conghaile) ирски републикански и социјалистички лидер, основач на Ирската Социјалистичка Републиканска Партија. Коноли, заедно со Патрик Пирс (ирски политички активист и еден од лидерите на Велигденскиот бунт против британската власт во Ирска) ги спојуваат Ирската Граѓанска Армија и организацијата на Ирските волонтери и ја создаваат Ирската Републиканска Армија (ИРА).

Џејмс Коноли, заедно со 15 други водачи на Велигденското востание, по наредба на британските власти ќе бидат егзекутирани од стрелачки вод. Во неговото последно писмо, кое го оставил на својата ќерка Нора Коноли пред да биде стрелан, тој напишал: „Верувајќи дека британската влада нема право над Ирска, никогаш немала никакво право над Ирска и никогаш неma да има право над Ирска, присуството во секоја генерација на Ирци, дури и на респективно малцинство кое е подготвено да умре за да ја потврди оваа Вистина, ја прави таа Влада засекогаш да претставува узурпација и злочин против човечкиот напредок.

Лично му благодарам на Бога што сум доживеал да го видам денот кога илјадници ирски мажи и момчиња, како и стотици ирски жени и девојчиња, беа спремни да ја потврдат оваа Вистина, дури и да ја бранат со својот живот, доколку тоа е потребно.”

Во продолжение е текстот на Џејмс Коноли, насловен како Социјализам и национализам напишан во 1893 година.


Во Ирска моментално дејствуваат разни организации, кои се стремат да го зачуваат националното чувство во срцата на луѓето.Овие организации, без разлика дали се Движења за зачувување на ирскиот јазик, литературните друштва или Комитетите за комеморација, несомнено прават трајна корист за оваа земја, помагајќи да се спаси од исчезнување скапоцената расна и национална историја, јазикот и карактеристиките на нашиот народ.

Сепак, постои опасност дека преку премногу строга приврзаност кон нивните сегашни методи на пропаганда и последователно занемарување на виталните животни прашања, тие можат да успеат само да ги стереотипизираат нашите историски учења во обожување на минатото или кристализирање на национализмот во традиција – навистина, славна и херојска, но сепак само традиција.

Tрадициите можат и честопати даваат материјал за славно мачеништво, но никогаш нема да бидат доволно силни за да јаваат на бранот до успешна револуција.

Ако Националното движење на нашето време не е само за да ги реконструира старите тажни трагедии од нашата мината историја, тогаш тоа мора да има капацитет да се издигне до барањата на сегашноста. Тoa мора да им демонстрира на луѓето од Ирска дека нашиот национализам не е само морбидно идеализирање на минатото, туку дека истиот може да формулира посебен и дефинитивен одговор на проблемите на сегашноста и дека е политички и економски стремеж способен да се прилагоди на потребите на иднината. Верувам дека овој конкретен политички и општествен идеал најдобро ќе биде постигнат преку негово искрено прифаќање од страна на чесните националисти кои гледаат на Републиката како нивна цел.

Не Република, како во Франција, каде што капиталистичката монархија со изборен врв ја пародира абортираната уставотворност на Англија и во отворен сојуз со рускиот деспотизам безобразно го прославува своето напуштање на традициите од Револуцијата.

Не Република, како во САД, каде што моќта на новчаникот воспостави нова тиранија под облиците на слободата; каде што, стотина години откако чизмите на последните британски црвени палта ги загадуваа улиците на Бостон, британските земјопоседници и финансиери им наметнаа на американските државјани ропство за кое данокот од предреволуционерните денови претставува обична ситница.

Не! Републиката која посакувам нашите сонародници да ја постават пред нив како идеал, треба да биде од таков карактер што самото спомнување на нејзиното име во секое време ќе служи како светилник за угнетените од секоја земја, во секое време држејќи ветување за слобода и изоболие како награда за нивните напори во име на Републиката.

На фармерот-закупец, заглавен помеѓу земјопоседништвото од една страна и aмериканската конкуренција од друга, како помеѓу повисок и понизок мелнички камен; на наемните работници во градовите, кои страдаат од барањата на капиталистот кој наликува на гонач на робови до земјоделскиот работник, исцедувајќи го својот живот за плата што одвај е доволна за да ги одржи телото и душата пред распаѓање; всушност, на секој од поробените експлотирани милиони врз чија мизерија е одгледана однадвор прекрасната ткаенина на нашата модерна цивилизација, Ирската Република би можела да биде крик – точка на обединување за незадоволните, засолниште за угнетените, појдовна точка за социјалистот, ентузијазам во каузата за човечка слобода.

Заедничкото поврзување на нашите национални аспирации со надежите на мажите и жените кои го подигнаа знамето на револт против тој систем на капитализам и земјопоседништво – за кои Британската империја е најагресивен и најрешителен бранител – не треба во ниту една смисла да внесува елемент на раздор во редовите на искрените националисти; и би служело за да нè снабдат со свежи резерви морална и физичка сила, доволни да ја издигнат каузата за Ирска да достигне уште поцврста позиција од таа што ја имала во деновите на Бенбурб.

Можe  да се заклучи дека идеалот за Социјалистичка Република имплицира во случајов комплетна политичка и економска револуција, што сигурно ќе ги отуѓи сите наши поддржувачи од средната класа и аристократи, кои ќе се плашат од губење на нивниот имот и привилегии. Што значи овој приговор? Дека мора да се помириме со привилегираните класи во Ирска!

Но, нивната непријателска настроеност единствено може да се оттргне доколку им биде гарантирано дека во слободна Ирска нивните привилегии ќе останат непроменети. Со други зборови, нив мора да им биде ветено дека откако Ирска ќе биде ослободена од надворешната доминација, Ирските војници во зелени униформи ќе ги штитат измамничко собраните богатства на капиталистите и големите земјопоседници од „слабите раце на сиромашните“, исто толку безобзирно и ефикасно како што тоа денес го прават црвените англиски емисари. На ниту една друго основа нема да успееш да ги обединиш класите. Очекуваш ли масите да се борат за овој идеал?

Кога зборуваш за ослободување на Ирска, на што мислиш? На ослободување на хемискиот состав на ирската почва? Или мислиш на ослободување на Ирците? Ако мислиш на ослободување на Ирците, од кого сакаш да ги ослободиш? Од власта на Англија? Сите системи на политичка администрација или влада се рефлексија на економските форми врз кои тие почиваат.

Англиската власт во Англија го симболизира фактот дека англиските освојувачи во минатото наметнале систем на сопственост над оваа држава базиран на расипништво, измама и убиство. Таа симболизира дека, како што и денешното практикување на „правата на сопственост“ кои така потекнуваат вклучуваат континуирана пракса на легално расипништво и измама, самата е најсоодветната форма на владеење со кое расипништвото може да се заштити, и дека англиската армија е најподвижната алатка со која се извршува судско убиство секогаш кога стравот на сопственичката класа тоа го бара.

Социјалистот што ќе го уништи, искорени и распарчи целиот брутално материјалистички систем на цивилизацијата, кој што како и англискиот јазик кои што ние го прифативме за свој, тврдам дека е многу посмртоносен непријател на англиското владеење, отколку површниот мислител кој што сонува за ирска слобода со уништувачките форми на економско потчинување – тиранија на земјопоседници, за кои Стронгбоу и Диармуид МекМурчада – Норски крадец и Ирски предавник – беа соодветните претходници и апостоли.

Ако ја отстраниш англиската армија утре и го развееш зеленото знаме над Даблин, доколку не организираш Социјалистичка Република, твоите напори ќе се залудни. Англија сѐ уште би те владеела. Би те владеела преку нејзините капиталисти, земјопоседници, банкари, преку низа комерцијални и индивидуални институции кои ги има всадено во оваа држава и полеано со солзите на нашите мајки и крвта на нашите маченици. Англија сѐ уште би те владеела до самиот твој крај, дури и кога твоите усни ќе понудат лицемерна почит на светилникот на Слободата која што ти ја предаде.

Национализмот без Социјализам – без реорганизирање на општеството на база на поопширна и поразвиена форма на заедничка сопственост која што ја поставува подлогата на општествената структура на Античкиот Ерин – е само национално потчинување.

Не би имало никаква разлика да издадеме јавна декларација дека нашите угнетувачи досега успеале да нѐ заразат со нивните перверзни разбирање за правдата и моралот, до тој степен што ние конечно ги прогласивме тие разбирања за наши, и дека од сега па натаму нема да имаат потреба од цела армија за да нѐ држат покорени.

Како Социјалист, јас сум подготвен да сторам сѐ што е во моја моќ за нашата родна земја го добие своето заслужено наследство – независност; но, доколку од мене побарате да отстапам барем малку во борбата за социјална правда, со цел да се помирам со привилигираните класи, тоа јас ќе морам да го одбијам.

Такво нешто нема да е ниту достоинствено, ниту достигливо. Да не заборавиме: тој што маршира со Ѓаволот накај Рајот, никогаш нема да пристигне таму. Дозволете отворено да ја искажеме својата верба: логиката на настаните е со нас.