Предавник – Назим Хикмет

Назим Хикмет (1902-1963), турски поет, драмски писател и режисер. Споредуван со Лорка, Арагон, Мајаковски и Неруда. Бил уапсен во 1938 и осуден на 28 години затвор заради долга поема посветена на востание од 15-тиот век против Отоманската империја. Во 1949 Меѓународен комитет, кој ги вклучувал и Пикасо и Сартр, почнал кампања за негово ослободување. Во 1950, годината кога е избрана првата демократска влада во Турција, е ослободен и ја добива Светската награда за мир.

Но, неговото малтретирање продолжило и од страна на новиот режим, па тој на крај емигрирал најпрвин во Полска, а потоа во СССР. И покрај тоа што бил постојано на мета на турската држава, турскиот народ го обожувал. Неговите песни за селаните, турските работници, како и турската војна за независност се сметаат за најзначајните патриотски книжевни дела на оваа земја.


,,Назим Хикмет сè уште продолжува со предавството негово.
Половична колонија сме на американскиот империјализам,
рече Хикмет.
И понатаму продолжува со предавството Назим Хикмет.“

Во еден весник од Анкара излезе ова,
во три реда и со катран црно кое блеска,
во еден весник од Анкара,
покрај сликата на адмиралот Вилијамсон се смешка на 66 сантиметри квадратни,
устата до уши му стигнува на американскиот адмирал.
120 милиони лири во нашиот буџет донираше Америка, 120 милиони лири.

„Половична колонија сме на американскиот империјализам,
рече Хикмет.
И понатаму продолжува да биде предавник, Назим Хикмет.“

Да, јас сум предавник,
ако вие сте патриоти, ако вие сте татковински бранители?!
Јас сум душман татковински, јас сум п р е д а в н и к!

Ако татковината се вашите чифлизи,
ако во вашите сефови и во вашите банкарски сметки е патриотизмот,
ако татковината е умирање од глад покрај патот,
ако татковината е трепет во студот како пес
и растрепереност како од маларија во текот на летото,
ако цицањето на нашата крв во вашите фабрики е патриотизам,
ако патриотизмот се канџите на нашите газди,

ако патриотизмот е образование со копје,
ако патриотизмот е полициското ѓубре,
ако вашите трошоци и вашите плати се патриотизмот,
ако патриотизмот се американските бази, американските бомби и американските проектили,
ако патриотизмот не е ослободување од смрдливото ни наше незнаење и темнина,
тогаш јас сум предавник.

Напишете во три реда болдирано со катран црно кое блеска:
Назим Хикмет
сè уште продолжува
да биде предавник!