Хипокризија на „шарените“

Да се потсетиме накратко, за оние „прогресивците“, „шарените фотељаши“ и „независните“ пратеничиња што имаат заборавено, какви беа протестите пред три години и какви беа оние вчера. Да се потсетиме како беше кога за нив се ширеа лаги, кога нив ги потценуваа и деградираа, кога нив ги тепаше и бркаше полиција и да видиме што се сменило денес.

Пред три години започна протестното движење „Протестирам“, а вчера се одржа протест против промената на името на републиката. Дел од луѓето кои излегоа на протести пред три години беа поддржувачи на СДСМ, а дел од луѓето кои излегоа на протести вчера беа поддржувачи на ДПМНЕ Дел од луѓето беа „провокатори“ и на двата протеста.

ДПМНЕ од другата страна на портите и полициските кордони, удри силно по демонстрантите. Тие биле деликвенти, „соросоиди“, СДСМ-овци и предавници, како што денес СДСМ вели дека демонстрантите биле под психоза, неписмени, „паднале“ на „античката“ реторика, биле ВМРО-овци и сл. Пред три години, се велеше дека демонстрантите одработуваат за СДСМ, денес се вели дека одработуваат за ДПМНЕ. ДПМНЕ ги кривеше демонстрантите за распродавање на државата, СДСМ за уназадување на истата со својата ретроградност. Полициската бруталност ДПМНЕ ја правдаше со насилството на поединци провокатори врз „македонските синови од полицијата“. СДСМ-овците ја избегнуваат таа форма, но го задржуваат величањето на полицијата и ја „игнорираат“ нивната бруталност.

Господата кои ја искористија ситуацијата навистина беа од СДСМ и од опортуниот дел на невладиниот сектор, слично како што најверојатно се од ВМРО оние кои што сега ја користат ситуацијата, драматизирајќи и ширејќи лажни вести за претепани луѓе. Но мнозинствотом и во двата случаи, не припаѓаат на овие опортуни слоеви. Тоа беа и се граѓани кои беа против корумпираноста на власта или против промената на името на републиката (во многу случаи, истите граѓани се појавуваа и на двата протеста) и кои, како што често се случува, некој се обидуваше да ги искористи. А ДПМНЕ, за да си ја зачуваат власта, и СДСМ за да влеземе во НАТО, удираа и удираат по демонстрантите со се што ќе им дојдеше под рака.

Но, вчера полицијата претера. Бранењето на употребата на солзавци и шок-бомби од луѓе кои некогаш протестирале против полициската бруталност, кои се жалеле на генерализациите на тогашната влада и на ќотекот што го јаделе поради разните индивидуи „провокатори“ е лицемерно во најмала рака.

Но, и сосема очекувано од власт што е втора страна на истата паричка. Дали е „антиката“ на Грујо или „шаренилото“ на Заев, социо-економската положба на општеството останува иста. А со тоа остануваат и истите начини на репресија.

Јован Крајевски