Јазикот е мојот дом, мојот живот, мојата емоција

Фејсбук статус на Емил Ниами:

„Со месеци читам за тоа како јазикот, неговата историја, неговата современа состојба и неговиот иден развој не се соприкосновуваат со националниот идентитет. Се наметнуваат тези за тоа дека, на пример португалскиот во Бразил или, пак, германскиот во Австрија, не ги правеле Бразилците и Австријците инфериорни во поглед на националниот идентитет. НО! Никој во овие случаи не се осврнува на фактот како определени јазици се нашле на определена територија. Не сакам да спорам со ненаучните факти и да давам значење на квазиинтелектуалци кои релативизираат сè и секого, со цел да ги заштитат и да ги унапредат личните интереси.

Сакам да зборувам за себе и за мојот идентитет. Имено, јас сум дете од мешан брак, мојата мајка е Македонка, а мојот татко Ирачанец. Се запознале кога татко ми дошол да студира во Југославија. Воспитуван сум во космополитски и демократски дух, во атмосфера која ги поттикнува самостојното мислење и креативноста. Во нашето семејство сите работеа (и сè уште работат) сè, без никакви предрасуди – кој што може и кој за што го бива. Никогаш ништо не ми било наметнувано – основниот принцип во нашето семејство е градењето на личност која е самостојна и која не е обременета со тежината на какви било правила и норми наметнати однадвор.

И каква врска има сево ова што ви го кажувам? Па, се сеќавам дека одамна, кога сè уште бев мал, на првиот попис во независна Македонија, попишувачот остана збунет од моите одговори. Правилото во нашиот дом беше секој да си одговара сам за себе. Го прашаа татко ми што е по националност, а тој си одговори дека е Арапин. Мајка ми рече дека е Македонка. Кога ме прашаа мене, јас одговорив дека сум Македонец. Попишувачот се сепна. Ги погледна моите родители. Не продолжи да пишува, чекаше реакција од татко ми, а потоа и се консултираше со него. На тоа мојот татко одговори дека идентитетското прашање е моја лична определба и дека треба да напише онака како што сум му кажал. Јас не можам да се чувствувам никако поинаку, освен како Македонец.

Мојот мајчин јазик е македонски, одгледан сум во македонска културна средина, храната што ја јадам е македонска, сонувам на македонски, а така и комуницирам, најудобен ми е македонскиот јазично-културен контекст. И сево ова би било нормална и безобидна приказна доколку некој не се обидува да ги наруши моите природни и демократски права – да зборувам на македонски и да се чувствувам како Македонец. Не, јас не се потпирам дури ни на моите арапски корени, кон кои имам топли чувства и ги чувствувам како блиски, а камоли да се гледам себеси како наследник на некоја туѓа култура заснована на некој туѓ јазик. Јазикот е мојот дом, мојот живот, мојата емоција. Нема да дозволам никому да ми го одземе моето огниште, моето единствено нешто во кое верувам во овој бескрупулозен свет!“