Државата за народот!

Откако ме држи моето политичко сеќавање, секои избори се или најважни, или историски, или судбински. И особено, на сите избори до сега, естаблишментот и македонската олигархија која има ќар ова да биде постојано мочуриште, преку нивните медиуми нè убедуваат дека не вреди да се гласа за никој освен за оние кои не докусурија во изминатите 30 години!

Добро се сеќавам кој беше изговорот на минатите избори кога го рушевме режимот – „не го ситнете отпорот“! Тогаш Левица се појави како млада, енергична, полетна партија која успеа дури и да го грабне наративот на тој бран на незадоволство. И како нова партија која за прв пат учествувала на избори Левица успеа да освои околу 13.000 гласови, што не е мал политички капитал! И тоа, внимавајте, без пари, без медиуми, со свесен бојкот и минирање на сите активности на Левица, со силна кампања дека го „ситни отпорот“! А видовме што стана и што остана и од отпорот и од идеалите и од активизмот и од шарените и од сите „шути и рогати“! Сите до еден завршија како употребени к…и, освен се разбира Крсто Муковски и Дон Мијале. Не, не и они, таквите како нив се играчи за секое доба во ова смрдливо политичко мочуриште! Само таквите се вечни во оваа наша политичка бара!

Затоа, ве молам драги мои, бателете ги тие пропаганди на овие избори, впрочем баталете ги тие бајки што ви ги продаваат на секои избори дека не вреди да се гласа за мали партии, дека не вреди да се „фрла“ гласот. Како 30 години до сега да не го правевме токму тоа, правејќи го токму тоа за што нè убедуваа – гласајќи за „големите“ партии. Триесет години, цела една младост, цел еден живот упорно и упорно ги менуваме Мурто и Курто, го перпетуираме истиот систем, го вртиме истиот круг со нашиот глас за големите, само го одржуваме во живот истиот Левијатан кој ни ја цица крвта 30 години. И пазете – ние крајно наивно се надеваме дека овој пат ќе биде поинаку! Хм, како очекувате да правите исто, а да очекувате различен исход!?

Но, не, нема да биде поинаку, драги мои. Не може да биде поинаку! И ВМРО и СДСМ се дел од истата приказна, прдат во истата тиква, тие се лице и опачина, тие се две страни на една иста паричка! Тоа и не се партии, тоа се институционализирани картели, мафијашки организации седнати во скутот на десетина моќни олигарси кои 30 години нè цицаат и осиромашуваат. Да, оваа земја некогаш беше и богата и убава! Ја запустија, ја ограбија, ја опустошија, сè вредно приграбија, за да можат само десетина олигарси да ги полнат своите дебели мешлоци, за да можат да се завијат во дебел, мрсен лој, да пијат 30-годишно виски, и да имаат сметки на егзотични острови! Ги боли нив за вашето, за нашето здравство, оти тие и не го користат; ги боли нив за нашето образование, зарем образованието им значи на таквите; ги боли за вашето, за нашето судство… впрочем тоа е нивно! Сè е ова нивно, сè овде е нивно, поседуваат сè! Ги поседуваат и ВМРО и СДСМ! Тие се само маши, средства за остварување на нивните лични, бизнис интереси. И вие очекувате дека со вашиот глас за едната или другата „голема“ партија ќе промените нешто, повторно? Ние упорно со нашиот глас го одржуваме ова мочуриште и при тоа се чудиме зошто овде виреат само жаби и полноглавци!?

Промената не е возможна ако не го исушиме мочуриштето! По ниту една политичка логика не е возможно промената да дојде од СДСМ и ВМРО, затоа што промената би ги убила нив, „растурањето“ на овој трул систем подразбира и нивно растурање, затоа што тие се тој трул систем, тие се дел од него, тие го создадоа, тие го одгледуваат во изминатите 30 години! Зарем мислите дека Заев или Мицковски ќе се согласат со мерка – преиспитување на потекло на имот!? Па тоа ги вклучува и нивните имоти! Зарем мислите дека на СДСМ или на ВМРО им одговара укинување на бенифициите на функционерите? Па тоа се нивните функционери. Зарем мислите дека двете партии би се согласиле за намалување или укинување на хонорарите по управните одбори? Па таму се „ухлебени“ нивните потрчковци. Зарем ВМРО и СДСМ би се согласиле со целосно секуларна држава со даноци за верски заедници? Па како тогаш ќе ги манипулираат чувствата на своите гласачи-верници!? Зарем бизнисмените во нивните редови ќе се согласат да се прогласат сите природни ресурси за национални богатства? Па како тогаш ќе си имаат свои хидроцентрали!? Зарем очекувате да се согласат со специјален закон за канабис? Ха, па како тогаш ќе го имаат монополот над канабисот две фамилии во државата!? Зарем мислите дека двете партии ќе се согласат за прохибиција за коцкарниците кои ни ја упропастуваат младината!? Па 90% од тој бизнис со кладилниците е во нивни раце! Зарем СДСМ или ВМРО би се согласиле со централизирана дистрибуција на лекови во јавното здравство!? Секако дека не, затоа што нивни е сиот фармацевтски бизнис во ова мочуриште!

Тие нема да се согласат драги мои! Но ние мора да се согласиме на ова! Тие нема да гласаат за ниту една од мерките што ги наведов погоре, а кои се во програмата на Левица! Ние мора да гласаме за тие мерки, ние мора да престанеме да го менуваме Мурто и Курто, да направиме радикален рез и историски пресврт! Левица никому ништо не должи, на никому не е седната во скут, никој од олигарсите не ја финансира, никому ништо не ветила, кај никого не се задолжила! Затоа има чиста можност да го оствари сето ова, има уникатна можност да го ресетира системот! А тој мора да се ресетира, оти не НАТО, не ЕУ, ако системот одвнатре не се ресетира ние ќе иструлиме, ќе скапеме одвнатре! Затоа, драги мои, на 15-ти јули, вашиот глас за малите, вашиот глас за вас, за нас, за сите нас мали и неважни, за сите понижени и навредени од големите, еве веќе 30 години! Бидете без грижа, нема да го фрлите гласот, нема да го упропастите, нема да го ситните отпорот… Напротив, само со таков глас ќе покажете пркос, ќе покажете отпор, ќе покажете достоинство!

проф. д-р Трајче Стојанов