Реакција на изјавите на Премиерот Заев за гасоводот во Само Вистина

Share on FacebookTweet about this on TwitterShare on Google+Share on LinkedInEmail this to someone

Во врска со гасоводот низ парк-шума Водно, Премиерот Зоран Заев вчера, 19.06.2018, во емисијата на Канал 5, Само Вистина, изјави дека се решава комплетно делот на Скопје каде ние граѓаните треба да знаеме дека секое дрво 10 пати повеќе ќе се обнови, дека делот каде поминува гасоводот низ парк-шума Водно е нискостеблеста шума, дека само тој дел од изградбата е закочен, да не го гледаме патот према Сопиште, дека ова се намалeни параметри од 25 м на 10 м, сето ќе биде обновено како шума што ќе биде исечено за коридорот, заедно со нас граѓаните ќе се дефинира, дека секоја цевка гас штеди илјадници дрва и од Шар Планина и од Скопска Црна Гора и од Водно, зошто гасификацијата значи можност за енергенс за греење, и дека гасификацијата само во тој дел е застаната.

Премиерот Зоран Заев треба да знае дека,

“решавање комплетно делот на Скопје” 

– Не знаеме што премиерот мислел, но гасоводот кој е планиран да се гради низ парк-шума Водно нема никаква поврзаност со гасификацијата на Скопје. Се работи за магистрална делница која е наменета гасот кој е пристигнат до Скопје, пред повеќе од 20 години, да го однесе до Косово, Тетово, Гостивар, а потоа и Кичево. Гасоводот само поминува низ Водно и оваа делница не го решава Скопје.

“секое дрво 10 пати повеќе ќе се обнови, делот каде поминува гасоводот низ парк-шума Водно е нискостеблеста шума, само тој дел од изградбата на гасоводот е закочен” 

– Заштитено подрачје како што е парк-шума Водно, каде живеат ретки, ендемски и загрозени видови, не смее да се избанализира и не може да се сведе на ниво “за секое исечено дрво, 10 ќе насадиме”. Вакви изјави укажуваат на големо непознавање за функционирањето на еден екосистем и навистина мора да се стави крај на вакво несоодветно и крајно симплифицирано гледање на природата со целиот жив свет во неа и нејзиното значење.

Гасоводот поминува низ 4 км шума, високостеблеста, а делот што се смета за нискостеблеста шума е густа шума на дрвја, високи околу 2 метра.

Изградбата на гасоводот не е закочена само во овој дел, на Водно, туку на должина од околу 50 км од оваа делница, поради неразрешени имотно-правни односи и незавршен процес на експропријација.

“да не го гледаме патот према Сопиште, ова се намалeни параметри од 25 м на 10 м, сето ќе биде обновено како шума што ќе биде исечено за коридорот, заедно со нас граѓаните ќе се дефинира” 

– Патот према Сопиште е со ширина од 5-6 метри, споредено со наводното, предложено намалување на ширината на трасата на 10-15 м (всушност 25 метри). Прашањето останува колку ќе е можно спроведување на вакво стеснување, земајќи ги во предвид утврдените стандарди за градење на гасовод, магистрален во случајов.

Пошумување на трасата на гасоводот нема да има, зошто врз неа не смее да се садат дрва, што значи ќе остане гола до крај на својата употреба, а со тоа и фрагментацијата на хабитатот.

Заедно со нас граѓаните не е дојдено до заеднички прифатливо решение и ние сѐ уште чекаме на термините на вицепремиерот Кочо Анѓушев за заедничко разгледување на трасата каде би се увидело колку навистина шума би се исекло и уништило. Јавно го каниме и Премиерот Заев да ни се придружи, затоа што очигледно е зафатен и можеби до сега немал време да се качи на Водно, и да се увери за какво уништување се согласил.  

“секоја цевка гас штеди илјадници дрва, и од Шар Планина и од Скопска Црна Гора и од Водно, зошто гасификацијата значи можност за енергенс за греење” 

– Секоја цевка низ која минува гас би значело штедење на илјадници дрва, само во случај кога гасот би се користел за греење онаму каде сега се користат дрва, а тое се главно домаќинствата. Примерот со Скопје не ја потврдува оваа заштеда на дрва со носење на гасот  пред повеќе од 20 години до градот. Домаќинствата во Скопје кои горат дрва за да се загреат не преминаа на гас изминативе 20 години, поради повеќе причини:

– нема изградено дистрибутивна мрежа, секундарна и терцијарна со која гасот би се донел во непосредна близина на домаќинствата,

– и при изградена мрежа, претстои приклучување на индивидуалните домаќинства, секое поединечно на таа мрежа. Тоа подразбира дека домаќинствата би имале вградено систем, инсталација за користење на гасот за греење. За такава конверзија и приклучување на домаќинствата кон гасоводната мрежа, потребни се значителни финансии, кои во најголем број на случаи, тие кои се греат на дрва, ги немаат.

Случајот за Тетово и Гостивар е ист. Под претпоставка да се изгради целата делница годинава, домаќинствата кои користат дрва за греење во Скопје, Тетово, Гостивар, нема да преминат на гас во догледно време, некои никогаш и нема да се заштедат илјадници дрва од Шар Планина, од Скопска Црна Гора. За Водно штетата ќе е поголема, со тоа што ќе се уништат шуми за изградба на гасоводот, а за другите кои се сечат за греење, гасот што минува низ овие цевки нема ништо да значи, зошто само поминува на својот пат кон Косово, Тетово, Гостивар, Кичево.

Со почит,
Граѓанска иницијатива “Го Сакам Водно”