Метлата го постави експертот за Internet Explorer Дураки за вицепремиер

Министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Садула Дураки од ДУИ е назначен за вицепремиер во Владата на Зоран Заев. Одлуката за унапредување на Дураки беше донесена на вчерашната седница на Владата. Тој доаѓа на местото на разрешениот сопартиец Хазби Лика (познат по неговото непојавување на работното место), кој беше министер без ресор и вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор и политички систем. 

До реконструкцијата на Владата на крајот од минатиот месец, Дураки беше министер за животна средина и во оставката до премиерот Зоран Заев се пофали дека многу мали и големи проекти спроведени од страна на министерството во време на неговото раководење со истото, ќе остават траен позитивен белег во зачувување и унапредување на животната средина. Додека пак, за јавноста Дураки остана запаметен по неговото неработење додека Македонија беше најзагадена држава во Европа, како и по неговата позната изјава дека тој не се занимава со граѓаните, на прашањето од новинар дека граѓани ќе ја тужат државата заради здравствените последици кои ги трпат поради загадувањето. 

Откако Заев ја најави реконструкцијата на Владата, речиси на сите анкети Дураки заедно со Бујар Османи и Венко Филипче имаа “водство” за да бидат сменати со метлата на Заев. Но, метлата се претвори во едно големо фијаско каде беа опфатени само незначајни внатрепартиски промени во СДСМ, додека ДУИ (како многу пати претходно) повторно остана недопирлив. Очигледно, ниту бомбите на Ел Чека за највисокото раководство на ДУИ не беа доволен повод – за СДСМ, а уште помалку за меѓународната заедница – за расформирање на ДУИ.