Штип енормно загаден со ПМ10 честички од воените вежби на Криволак

САД практично веќе го сметаат Криволак за нивна нова воена база со оглед на тоа што само во последниве две години, нивните трупи од регионот учествуваат на четири вежби на македонскиот армиски полигон. Повеќе од еден месец, околу 2.700 војници од шест земји  учествуваат на најголемата и најсложената воена вежба досега одржана во Македонија. На вежбата „Одлучен удар“ која трае до 9 јули на полигонот Криволак учествуваат по околу 1.300 македонски и американски војници и трупи од Албанија, Бугарија, Литванија и Црна Гора.

Јасно е дека американската држава (која воедно има најмногу бази во светот) преку окупирањето на  вакви стратешки точки обезбедува нејзина доминација и остварување на сопствените геостратешки интереси, како и вршење агресија врз држави кои не се потчинуваат на геополитиките на САД. 

Покрај демонстрацијата на воена моќ на трупите на НАТО, граѓаните од околината на Криволак деновиве сведочеа и енормно загадување на воздухот. Мета објави дека веќе два дена Штип во вечерните часови се покрива со чад, за неколку часа подоцна, особено стариот дел кај Ново Село и центарот сосема да станат обвиткани во сивило. Единствената информација што ја добија штипјани од каде доаѓа чадот беше по барање на новинарите од Територијалната противпожарна единица во Штип, од каде соопштија дека нема пожар, ниту гори градската депонијата.

Вчера конечно се потврдија претпоставките дека чадот доаѓа од полигонот Криволак, каде веќе неколку дена се изведува воената вежба „Одлучен удар“. Од АРМ потврдија дека се работи за пожар на трева и нискостеблеста шума, во чие гаснење интервенирале и авионите, информира МЕТА.

„Од артилериското гаѓање на воената вежба во Криволак, вчера имаше седум помали пожари, од кои четири се сосема изгаснати, додека три се локализирани. Од тие има еден кој е на површина од 500 метри“, изјави Тони Јаневски, портпарол на АРМ. Професорот Дејан Мираковски, кој ги раководи мерењата, потврди дека се работи за чад со концентрација на ПМ10 честичките, кои ги има во прашината.

Очекувано е најголемиот агресорен пакт кој убива деца и цивили како “колатерална штета” воопшто да не води грижа за уништувањето на шуми или пак труењето на населението со ПМ честички, во државата која е рекордер по загаденост на воздухот ширум светот. Малите држави, како Република Македонија,  каде владеат поткупливи политичари без никаков сенс за националните и државните интереси, претставуваат одлична алатка за остварување на интересите на најмоќните држави на НАТО-пактот, предводени од САД. Токму затоа оваа Влада на СДСМ силно потчинета на западните бирократи без никаков отпор ги предава најзначајните геостратешки точки на државата за војници на туѓи држави да демонстрираат воена агресија додека паралелно го трујат локалното население со ПМ честички.