Тактиката на Еуромакс: досадна и веќе видена перверзија на која мораме да се спротивставиме

Текстот беше напишан пред да биде објавено соопштението од Владата во кое се најавува одземање на концесијата на Еуромакс за Иловица.


Периодов ќе остане запаметен во поновата историја на Републиката по многубројните протести против рудниците на смртта, кои деновиве прераснаа и во блокади. Активистите од југоистокот неуморно му пркосат на крупниот капитал, но и Еуромакс не седи мирен. Фирмата, на која поранешен директор е братот на фамозниот генсек, Драги Рашковски, за кого скандалите непрекинато одекнуваат во етерот и за чија оставка и кривична одговорност расте притисокот од народните маси, најверојатно стои зад контра-протестите и контра-кампањата кои се обидуваат да прикажат поделеност меѓу народот по прашањето за рудниците, која што евидентно е дека не постои.

Контра-кампањата на Еуромакс е ниска. Таа манипулира со сиромаштијата на народот, со желбата и борбата за опстанок на најугнетените страти на општеството. Со група на луѓе кои носат транспаренти на кои можат да се прочитаат пораки од типот „сакаме работа“ и „сакаме рудник“, Еуромакс сака да го натера народот да се откаже од својата здрава животна средина, од своето здравје и од своето достоинство. Тие се надеваат дека материјалната оскудност во државава создадена од корпорации како нивната ќе создаде раздор меѓу народот кој веќе на неколку референдуми гласно и јасно кажа НЕ за рудниците на смртта.

Нашиот сомнеж дека станува збор за кампања на Еуромакс потекнува од многубројни разговори со жителите на југоистокот, како и фактот дека оваа кампања веќе некое време се појавува спонзорирана на социјалните мрежи. Секако, Еуромакс ќе ја негираат секоја нивна вмешаност, сакајќи да поверуваме дека станува збор за автентично движење кое пружа отпор на зачувувањето на животната средина.

Иако станува збор за една крајно перверзна кампања, таа воопшто не е неочекувана. Впрочем, низ поблиската и подалечна историјата, постојат примери каде што истата тактика се користела за да се подријат многубројни прогресивни движења, без кои денес ние би живееле во многу полоши услови.

Можеби денес не е комплетно искоренет, но детскиот труд во минатото бил многу поприсутен, посебно во периодот непосредно по индустриската револуција и е еден пример каде што борбата за негово искоренување била подривана со тактики слични на тие на Еуромакс. Во 1851 година, во Британија и Велс, 36.6% од момчињата и 19.9% од девојчињата на возраст помеѓу 10 и 14 години работеле. До 1911, оваа бројка паѓа на 18.3% за момчињата и 10.4% за девојчињата. Падот, меѓу другото, се должи и на работничката борба против детскиот труд – борба која многу пати била подривана од капиталистичката класа, која пропагирала дека ускратувањето на можноста на децата да работат ја осиромашува фамилијата и дека фамилијата треба да ја има слободата да ги вработи своите деца. „Сакаме работа за нашите деца“ би звучеле нивните транспаренти во денешен контекст.

Пред работното време да биде ограничено на 8 часа (иако многумина се и денес приморани да работат повеќе од 8 часа за да преживеат), работниците работеле по 10 часа, а пред тоа и по 12 или 16 часа. Намалувањето на работното време било резултат на борбата на многубројни работнички струи, од доцниот 18ти век до раниот 20ти век, кога за прв пат се воведува осумчасовното работно време во Уругвај. После успешното создавање на Советскиот Сојуз како работничка држава, голем број на земји, од страв од револуција на потчинетите работици, воведуваат осумчасовно работно време и кај нив. Но, борбата на работниците не била едноставна и многупати работничките движења биле обвинувани како антиработнички и како движења кои ќе му ја ускратат можноста на работникот да работи повеќе од 8 часа. Капиталистите тогаш создавале сентимент кој преточен на транспарент денес најверојатно би звучел: „Сакаме 12 часовно работно време“!

Странските инвестиции во Македонија, кои само го експлоатираат работниот народ за ниски плати, беа претставени на истиот начин. Се играше на картата дека немањето странски инвестиции ќе ја ускратат можноста на работниците да најдат работа, па макар и за мизерна плата и во мизерни услови. До ден денес, работници се повредуваат во фабриките на Дрекселмаер, а многубројните текстилни компании ги малтретираат текстилните работнички, не исплаќајќи им ја ни законски утврдената минимална плата и обврзувајќи ги да работат и преку викенди и празници. Во моментите кога некое движење за зголемување на платите, подобрување на условите или повисоко даночење на овие компании зема замав, секогаш се игра на истата карта и се повторува истата пропаганда: ако ви ги исполниме барањата, инвеститорите ќе заминат во држава што нема да им наметнува да обезбедуваат толку високи плати/услови/даноци, и работниот народот ќе остане и без таа мизерна работа што денес ја има. „Сакаме пониски плати“ би звучеле транспарентите во овој контекст на кампањата анти-анти ниските плати/услови/даноци кај странските инвестиции.

Перверзната игра на капиталистите е секогаш иста. Тие бараат да прифатиме се што нив им е потребно за да остварат повисок профит – ниски плати, лоши работни услови, загадена животна средина, заплашувајќи не дека ќе го изгубиме и тоа малце што  го имаме или се надеваме дека ќе го имаме. Еуромакс не е ништо поинаков. Еуромакс го има истиот интерес и ги користи истите тактики како и секој друг капиталист, на секое друго место и во секое друго време. Но, на оние што низ историјата не подлегнале под ваквиот притисок и ваквите уцени се оние на кои ние им ги должиме сите денешни цивилизациски услуги. За да ја сочуваме оваа животна средина таква каква што ја имаме, и да ја предадеме на идните генерации, ние мораме да останеме истрајни во нашата борба и да не подлегнеме на овие перверзни уцени.

РУДНИЦИ НЕМА ДА ИМА!