Левица бара да се симне Предлог-одлуката за формирање АД за енергетски дејности од дневниот ред

На својот ФБ профил, политичката партија Левица објави дека советничката Драгана Велковска од Советот на Град Скопје бара да се симне Предлог-одлуката за формирање АД за енергетски дејности од дневниот ред.

„Основниот проблем е со формата на субјектот кој се планира да се основа – АД, наместо јавно претпријатие. Но, така налагал Законот за енергетика. Не е можно, нели, да се иницира измена на закон со одлагање на одлуката за сега? Но, да прејдеме на суштината.
Во чл. 3 од Одлуката и чл. 9 од Статутот на АД стои дека ова правно лице кое ќе го основа Град Скопје има право самото да основа нови субјекти врз кои никаква надлежност или влијание ќе нема Градот. Дали тоа ви звучи во ред?
Кои се квалификациите на лицата веќе назначени во надзорниот одбор и каква е оправданоста за нивното назначување? Дали се членови на партии? Зошто немаме нивни биографии?
Дали има судски спор околу гасоводот? Ако е вистина, со која цел се основа сега АД ако не може да профункционира имајќи предвид дека тој спор може да тече со години? Дали иако тече спорот, а субјектот де факто не функционира, овие лица сепак ќе си бидат платени?“, стои во реакцијата на Левица.

Предлогот на советничката бил одбиен со 15 гласа „за“, 24 гласа „против“ и 1 „воздржан“.