АктуелноЛокално

Левица: Речиси 14 милиони евра ќе потроши власта само за војниците кои ќе го „бранат“ НАТО

  • Реакција на Политичката партија Левица

Квислиншката Влада на СДС-ДУИ продолжува со својот поданички однос кон воено-империјалистичката организација на НАТО! Од година во година сé повеќе народни пари владата „подарува“ за НАТО. Дополнително ова е проследено со зголемување на бројот на македонски војници во борбени групи и мисии на НАТО ширум светот, кои ги ризикуваат нивните животи за интересите на туѓи држави и моќници, вовлекувајќи ја државата во непотребни конфликти!

Во Годишниот извештај на Владата за учеството на припадниците на Армијата во НАТО мисии и операции за 2023 година потенцирана е заложба за зголемување на буџетот за НАТО, иако тој истиот веќе надминува 2% од БДП, односно вртоглава сума од 300 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА НАТО годишно.

Згора на тоа, во извештајот се открива и дека државата преземена заложба да испрати дополнителни стотина припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мисии и операции на НАТО во Ирак, Летонија, Косово и други региони. Ова значи дека само за учеството во мисиите на НАТО на македонските војници Република Македонија во 2024 година ќе одвои над 13.7 МИЛИОНИ ЕВРА!

Додека ги финансираме воените екскурзии на Западот и испраќаме наши војници да учествуваат во истите, квислиншката Влада истовремено работи жестоко против националните интереси донирајќи оружје на странски држави во повеќе од 8 наврати досега и приреди разоружување на Република Македонија и непотребно ја претвори во индиректен учесник на воен конфликт.

Левица принципиелно се залага за итно отчленување од НАТО-пактот и безусловно повлекување на сите безбедносни сили на Република Македонија од воените мисии во странство! Во земја чие здравство е руинирано, пациенти оставени без лекови, образование без учебници… недозволиво е да се трошат народните пари за туѓи империјалистички интереси.