По 8 години судска голгота, Курти му го врати земјиштето на манастирот Високи Дечани

Косовската влада одлучи православниот манастирот Високи Дечани да ги впише спорните 24 хектари земјиште како свој имот во катастарот на Косово. После осум години завршува правната голгота. Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека оваа одлука е услов Косово да биде примено во Советот на Европа(СЕ).

Курти очекува во мај Косово да биде примено во СЕ со одлуката на Комитетот на министри:

– За да постигнеме многу поголема цел што ѝ ја должиме на државата и која отвора невидени можности, мораме разумно и одговорно да направиме чекор напред како независна и суверена земја. Затоа денеска ѝ наложивме на Агенцијата за катастар на Косово да ја спроведе одлуката на Уставниот суд. Во меѓувреме, министерката за надворешни работи и дијаспора, г-ѓа Доника Гервала, испрати вербална нота со која го информира СЕ за ова прашање. На 22 март е вонредниот состанок на Комитетот таму, во средината на април е Парламентарното собрание на СЕ и на крајот на мај е Комитетот на министри во Советот на Европа кој одлучува за нашето членство – рече Курти.