Започна проектот „Запознајте ги кинеските приказни и бајки”

Во организација на Институтот за наука, алтернатива, култура и уметност „Инаку” од Скопје, денеска почнува проектот „Запознајте ги кинеските приказни и бајки”. Проектот е поддржан од Амбасадата на Народна Република Кина во Република Македонија, а ќе се реализира во текот на целата година.

Преку Конкурс за најдобри литературни и ликовни творби, како и преку литературни и ликовни работилници – учениците од основните училишта творечки и креативно ќе се запознаваат со кинеските народни приказни и бајки, а за најдобрите литературни и ликовни творби младите и талентирани автори ќе добијат признанија и ќе бидат наградени со книги и ликовен прибор.

Покрај Кинеските приказни и бајки, во текот на оваа година, Институтот „Инаку” ќе го продолжи и оствари проектот „Запознајте ги светските приказни и бајки” и со приказните и бајките од другите  земји од Балканот, Европа и светот.

Почетната свеченост и првите литературни и ликовни работилници ќе се одржат денеска во ОУ „Браќа Миладиновци” во Скопје, а на свеченоста ќе присуствува и ќе се обрати амбасадорот на Народна Република Кина во Република Македонија.