Левица и културата во Македонија

Неолибералните политики, како и во сите други сфери на животот така и во културата, направи претприемачи од културните работници. Во меѓувреме, сите културни институции се партизираа до таа мера, што тие веќе не му служат на народот, туку тие се потчинети на избрана елита за која финансиите и времето не се никаков проблем. Истите тие институции на културата, кои се изградени од самиот работнички народ, сега се киднапирани од мала мафијашка елита, која покрај институциите, во културата ги држи и сите останати институции во државата, а особено го поседува капиталот како и средствата за производство.

Состојбата е критична после тридецениската инсталација на поданичкиот дух и веднењето на главата пред моќта на финансиите, а пак споменатите елити знаеме како дојдоа до таквата финансика моќ. 

Затоа во самата програма на Левица јасно е опишан начинот како ќе дојдеме до демократија во културата во Македонија. Тоа е со бирање на раководства во институциите од културата на демократски избори во самите институции. Значи, нема Левица да поставува директори, туку нив ќе си ги бираат самите вработени.

За културните работници кои се надвор од институциите состојбата е драматична, посебно во време на пандемијата тоа станува очигледно и за мнозинството. За истите ќе треба да се изнајде решение, зошто питачкиот стап не им бега на многумина, со оглед на состојбите во економијата.

За историското културно наследство ќе мораме да војуваме со соседите и тоа не со пушки, но со научни трудови и со уметнички дела, а за тоа потребен е поттик од самата држава – поттик и окрупнување на силите. 

Како и да е, отворени ни се проблеми од три децении, кои секако не може да ги решиме за еден мандат од четири години. Но, нас работата не не плаши, а имаме и целосна воља да ги извадиме и културните работници и културните институции, кои сега се заглавени во длабоката тиња.

#ЌеПобедиме

#ЛевицаВоПарламент

Зоран Велковски, слободен уметник и член на Левица