Во Горно Нерези се гради како никаде во Скопје

На надморска височина поголема од 700 метри, лоцирано на северните падини од Водно се наоѓа селото Горно Нерези. Манастирот “Св. Пантелејмон” и сега затвореното Македонско етно село се работите по кои сите го знаеме ова село.

Чистиот воздух во текот на зимскиот период, тишината и одличниот поглед на Скопје е она кое ги привлекува бизнисмените, политичарите и други познати лица да купуваат и градат во ова село. Токму градежната експанзија е она што се случува во ова село. Се гради како никаде во Скопје.

Градежниот бум кој започна со самата пролет е проследен со узурпација на зеленило, сечење на ниско и високостеблеста шума, а самиот градежен шут неретко се депонира во околните долови.

Покрај уништувањето на зеленилото и загадувањете на околината, голем дел од новите објекти кои секојдневно никнуваат се надвор од деталниот урбанистички план, се градат на државно земјиште, а оние кои се во рамките на последниот ДУП се проследени со бројни неправилности, најчесто во поглед на висината.

Она на кое се гневни локалните жители како и жителите на Средно Нерези е пасивноста на Општина Карпош и градоначалникот Богоев. Тие се загрижени за уништувањето на зеленилот како и за постоечката подземна и надземна инфраструктура која не е создадена за услужување на толкав голем број на жители. “Ние имаме проблем со водоснабдувањето. Овие нови градби дополнително ќе го оптоварат системот за водоснабдување” вели еден жител на Нерези кој додаде дека тие се загржиени и за преоптовареноста на останатата ифнраструктура која не може да ја издржи оваа голема експанзија.

Чистиот воздух и одличниот поглед се чини е посакуван и од актуелниот министер за здравство, Венко Филипче.

ТВ Алфа во февруари годинава објави вест во која тврди дека во Горно Нерези се гради куќа и за Венко Филипче. “Куќата се наоѓа во Горно Нерези, во местото викано Рупе, а според катастарските парцели се простира на површина од над 1000 м2.” соопшти ТВ Алфа. Телевизијата наведува дека парцелите се во сопственост на компанијата Синерџи која го доби тендерот за за набавка на медицински материјал за државната клиника за трауматологија „тежок“ 1,7 милиони евра.

Покрај Филипче, тука имот имаат Енвер Малиќи, заменик градоначалникот на Скопје и почесен конзул на Мексико, функционерите на ДУИ, Муса Џафери и Висар Вида, поранешниот директор на скопската клиника Александар Караѓозов, Жан Митрев,  како и Гоце Камчев, Кристина Камчева, Ратка Куноска – Камчева, Живко Груевски како и многу други бизнисмени, сегашни и поранешни политичари и функционери. Оттука, не е воопшто чудно зошто Богоев замижува пред силувањето на овој дел на Водно.