Крмов: Не е точно дека Еуростат даде зелено светло за пописот!

Пратеникот на Левица, Борислав Крмов во своето гостување на „ТВ Стар” истакна дека Левица ќе пружа отпор се додека не се усвои нов закон и методологија, бидејќи во постоечкиот има премногу недоследности. Тој дополна дека изјавата на Еуростат, за која медиумите пренесоа дека Законот за попис е усогласен со стандардите на Еуростат, е извадена од контекст.


„Еден од аргументите на власта е дека од ЕУРОСТАТ излегле со позитивни оцени за законот, но ако ја прочитате внимателно изјавата на ЕУРОСТАТ, таму пишува дека „широко се поврзани одредбите на нашиот закон со нивните препораки во најголем дел”, значи во НАЈГОЛЕМ дел, ШИРОКО поврзани. Тоа значи дека никаде не пишува дека се во согласност, дека се поклопуваат. На крај не е работа на ЕУРОСТАТ да ни спроведува попис, ние ако сме решени дома глупости да правиме, тие ќе не’ остават, но сакам да го разбијам тој мит дека сме добиле зелено светло од ЕУРОСТАТ.

Јас пак ќе напоменам – никаде во светот немате работи како кај нас, кои се клучни. Тоа се: дијаспора, попис со матичен број, давање на лични податоци во туѓо име и немање никакви контролни механизми. На претходниот попис имаше специјална хартија која е тешко да се фалсификува и кога ќе заврши прашалникот, вие кога ќе одговорите 50 прашања, два потписа се ставаат: еден на попишувачот и едниот е вашиот. Сега нема ништо такво, сега вие давате информации, а попишувачот седи на таблето, клика „прати” и толку. Власта тврдеше дека ќе има право да видите што праќаат. Но, кога ќе се прикачи на облакот, што ќе се случи вие не знаете, нема контролни механизми.

Не може за лично чувство, ете јас се чувствувам како Македонец, Влав, Албанец итн.. вие да давате податоци, исто како и за религиозна припадност за некој друг. Оваа проблематика меѓународни конвенции ја штитат, поради што ваквиот закон во Стразбур може да се проблематизира.

Дополнително, документите никаде не се прецизно дефинирани и единствено стои „соодветни документи”. Меѓу другото, премиерот Заев тврдеше дека не може да се попишува човек кој нема државјанство. Ако ја читате изјавата на вицепремиерот Груби, тој тврди дека и да немате државјанство, доволно е да имате извод од матичната книга на родени дека сте се родиле тука и (без разлика дека веќе 20 години живеете надвор) со тој извод ќе го внесете стариот матичен број и ќе „придонесете за поголема правична застапеност”. Каде го има тоа?” – истакна Крмов.