УГД доби ново лого мотивирано од училиштето во кое учителствувал Гоце Делчев

Вработените и студентите на Универзитет „Гоце Делчев“, како и средношколците, избраа ново лого и слоган на Универзитетот. Процесот на избор беше во рамките на проектот „Изработка на веб-стратегија и редизајн на порталот на Универзитетот ‛Гоце Делчев‛ – Штип“. Во анонимното гласање, во кое еден учесник во анкетата можеше да гласа само еднаш, учествуваа 1321 лице, поделени во три групи – вработени, студенти и средношколци.

За нов слоган имаше девет понудени решенија, а најмногу гласови доби слоганот „Избери мудро, делувај храбро“ (Choose wisely, act boldly). Од двете предложени решенија за ново лого на УГД, првото, победничко, доби 766 гласови или 58 %. Овој слоган е прв избор на студентите, прв избор и на средношколците со значително изразена преференција во однос на другите слогани и трет избор на вработените. Слоганот е избран со вкупно 315 освоени гласови.

Ова е прво редизајнирање на логото и слоганот на Универзитет „Гоце Делчев“ со решенија кои ги одразуваат промените кои ги носи времето, но и духот кој го имаат студентите и младите во денешно време. Крајот на гласањето и објавувањето на резултатите симболични се совпадна со 4 февруари, денот на кој е роден македонскиот револуционер Гоце Делчев, чие име го носи Универзитетот.

На роденденот на Гоце Делчев, УГД со задоволство ве известува дека новото, модерно лого на УГД, изработено од нашиот уметник и дизајнер Ване Костуранов е училиштето во кое Гоце Делчев учителствувал, во штипско Ново Село. Во истата зграда, денес, е сместен Ректоратот на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, – стои во соопштението.