Европски предрасуди

  • Пишува: Мери Георгиевска – Доктор на науки по репутација и менаџмент на Културните институции во РМ и Kоординатор во Акадeмскиот Сенат на Левица

Колумнава е посветена на нашите политичари на власт, коишто, безмалку, си замислуваат дека штом влезат во Европа, ќе добијат концесија на истата.

Згора на тоа, они би го потквасиле и Атлантикот за кисело млеко, па уште и ако му дотурат вода за да и го продадат на Европа. Просечните умови кои во моментов ја водат Македонија како слепците на Бројгел, на следните избори ќе се борат да влезат во влада по примерот на досегашните политичари кои нормално, штом влегуваа во влада, си веруваа дека веќе влегле во Европа, а некои од нив ќе си мислат дека дури и Европа влегла во нив.


Ајде да зирнеме во коренитите предрасуди;  

Најголемата европска предрасуда е фанатизмот изразен низ ксенофобијата; Секој што не ја прифаќа нејзината култура како систем на сознанија бил, а се плашам дека се повеќе е – варварин. Секој варварин е недоусовршен човек. Значи дека нешто му недостига. Затоа, тој треба или да се уништи, откако ќе му се одземе за почеток неговото достоинство, неговиот идентитет, интегритет, историја, додека не му се откорени коренот, се до негово збришување, за потоа да се усоврши. И аналогно на сето ова, ние треба уште да бидеме среќни што живееме „Јужно од Рајот“.

Европската култура низ историјата знаела да биде толку фанатична, што долго време за неа не постоело ништо освен неа самата. На тој начин, фанатизмот на културата на Европа се вжештувал до усвитување, до крајни граници и кланици: нејзините окупации биле сметани за цивилизирање на окупираните народи; нејзините револуции за усовршување на човекот; нејзините заблуди за врвови на човековата мисла; нејзините предрасуди за културни вредности, без кои не може да се замисли, уште помалку да се мисли сиот свет.

Така, европската култура на фетиш (златото) била ширена со помош на хаубици и мерзери, а нејзините вредности се сметаат за мерка за хуманоста.

Минатите пар децении се до денес, се разбира, Европа се срами од својот културен фанатизам, но далеку е и од помислата да не арбитрира кога се во прашање не само политичките, туку и културните вредности. А ние пак, пар децении наназад се восхитуваме на секое културно вреднување само и само под услов да е туѓо.


На тој начин, наместо да ја започнеме пресметката со нашиот комплекс на инфериорност, на класичен начин го надкомпензираме; наместо да се фалиме со своите сопствени дела, со нашето национално богатство, нашите заложби, визии, со својата духовност или духовитост, се фалиме со фалбите што Европа ни ги потфрла под маса.

Друга европска предрасуда беше етничката нетрпеливост. Посебен специјалитет на европската етничка нетрпеливост беше европскиот антисемитизам. Од оној на изабела Шпанска до оној на Хитлер. И ако злосторот на геноцидот веќе не застарува, во рамките на ослободувањето на Европа од своите предрасуди, можеби Хашкиот трибунал требаше да им суди и на шпанските конквискадори макар и пост мортем?!

Време е како народ да ја отрфлиме улогата на депонија, улогата на отфрлените или во фаза на отфрлање европски предрасуди, фрустрирани до колена. Ниту пак треба да се гордееме со нашите некогашни балкански аватизми. Затоа се случува следново: отфрлените европски предрасуди во нивната депонија овде на Балканот, рециклираа пароксизмално и и се вратија на Европа со одмаздничко и немилосрдно самоуништување.

Ние треба да го разбереме она што досегашните и сегашните власти не го ни сонуваат додека сервилно чукаат на портите на Европа. А тоа е дека имаме заеднички терен на соработка со Европа, терен на кој треба заеднички да се пресметаме.


Длабоко да проникнеме во  во во нејзините проблеми на борбата против сопствените предрасуди и на импликациите и компликациите што би произлегле од таа борба. Значи, заеднички да се пресметаме со заедничките предрасуди. И, на таков начин да предвидиме барем малку од нејзините реакции. Ова проникнување, уште во првиот слој на истражувањето, ќе не доведе до еден интересен впечаток, а тоа е дека можеби Европа е жртва на еден привид; штом нашите (евроспките) ужасни предрасуди започнат повторно да цветаат на нашиве простори, Европејците ќе си помислат дека исчезнале од кај нив. И токму овој привид ја тера Европа на нервозни реакции и плитки политички поени, заведливи предлози и безкрупулозни лажни намери, без релевантни поенти, без децидни решенија кон нас со децении наназад, мафкајки како со лижавче на мало дете.

Еве вака изгледаше и се уште изгледа моралниот, интелектуален и политички лавиринт на Европа, а во кој што власта и опозицијата на власт во Македонија отсекогаш копнеела да влезе, а се гордеела уште невлезена. До кога обете страни ќе ја играат играта вон бокерскиот ринг, во кој наместо да се борат двајцата боксери, ги пуштаат нивните кучиња да извојуваат победа за нив надвор од рингот?!

Зошто, патем, властите во Македонија копнеат да го направат толку посакуваниот ингрес во ЕУ, немајќи поим ниту за неа, ниту за поавтентичните корени на Европскиот лавиринт, нити пак за корените на сопствената желба да го сторат тоа.

Да ги потсетам. На времето во Европа ни најпросечно семејство за слуга не вработуваше човек без дебела биографија, препорака потврдена од неговите работодавци. За разлика од тогаш, сега таа стана корумпирана, со дебело досие на корупција, сива економија, со злоупотреби на правната држава, монополи, клептократија, плутократија. Исто како нашите политичари на власт. Равенката е решена. И Европа и нашата плутократска власт станаа идентични. Нашиве власти сега на најјако ни сервираат квази политичари, квази технички влади, квази политичари без дебели портфолија, без никакво познавање, ниту знање на сопствениот јазик, луѓе кои не прочитале ниту една книга, политичари кои се плашат од луѓе, а кобајаги се овде за нив, фаци кои никој никогаш нема да ги запомне.

Се сеќавате ли кога пред петнаесеттина и повеќе години Европа ни рече „нема бесплатен ручек господа“? А сега кога сите заедно имаат повеќе од бесплатен ручек, и кога вредностите ескалираа кон ентропија, јас би им порачала: Имајте пријатно приквечерие!