АктуелноЛокално

Црвена Младина: Студирањето се поскапо- студентите на УКИМ од оваа академска година изложени на нови давачки

  • Реакција на Црвена Младина

Оваа академска година за студентите на факултетите при УКИМ започна со ново изненадување од бескорисни давачки.

Наместо движење кон бесплатно образование, унапредување на студентскиот стандард, стимулирање на младите за високо образование и просперитет во државата, факултетите при УКИМ од оваа академска година, како гром од ведро небо, воведоа нови трошоци по академска година:

2.500 денари за набавка на материјални ресурси за реализација на студиските програми;

2.500 денари за набавка на on-line ресурси за реализација на студиските програми и

други дополнителни трошоци (коишто варираат од факултет до факултет).

Скандалозно е тоа што додека студентите на терен не можат да забележат никакво подобрување на условите на факултетите и досегашните давачки не наидоа на соодветна примена, УКИМ воведува нови давачки наместо преиспитување на постоечките.

Наместо да се направи јасна дистинкција помеѓу приватните и државните високообразовни установи, УКИМ со ваквите трошоци и условите на факултетите – сѐ повеќе ги стимулира младите да се запишуваат на приватните факултети.

Со сите директни давачки за студирање, повеќе ниту најдобриот студент, стипендиран од државата, не ќе може со стипендијата да ги подмири давачките спрема факултетот.

Овие нови финансиски оптоварувања само го влошуваат општото незадоволство на студентите, кое е резултат на долгогодишната негрижа за нивните потреби и недостаток на вистински реформи во високото образование.

ЦрвенаМладина се залага за воведување на целосно бесплатно образование во Македонија, како основен предуслов за развој на квалитетен и достапен образовен систем. Ова би овозможило еднаков пристап до знаење за сите студенти, без оглед на нивната финансиска состојба, и би го спречило трендот на иселување на младите.

Повикуваме на итно преиспитување на овие одлуки од страна на студентските собранија, факултетските органи и универзитетската администрација. Време е властите да покажат вистинска грижа за иднината на младите и да се спротивстават на овие непромислени и штетни одлуки кои само го забрзуваат трендот на иселување и ги демотивираат новите генерации да останат и да се образуваат во Македонија.