Антикорупциска отвори предмет за хеликоптерите на АРМ

Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) отвора предмети за набавката на осум хеликоптери за Армијата вредна 230 милиони евра и за набавката на 22 амбулантни возила преку тендер на Министерството за здравство.

Освен за овие два тендера Комисијата ќе отвори уште 13 други предмети поврзани со изборите, некои по допрен глас, а други по пријава, информираат од Комисијата.

Законите регулираат што не смее да се прави откако ќе се распишат изборите додека да завршат, и овие предмети се поврзани со почитување на Изборниот законик и Законот за спречување на корупцијата, откако на 14 февруари претседателот на Собранието Јован Митрески ги распиша претседателските и парламентарните избори закажани за 24 април и за 8 мај.

Со овие одредби се регулираат условите за нови инвестиции, јавни набавки, вонредни исплати, вработувања во државни и јавни институции, ангажирање хонорарни соработници и слично.