И Данела и Стевчо го сметаат за нелегален ДУП-от на Ѓорче Петров

Активистите и симпатизерите на Левица не се единствените во борбата, откако Градоначалничката на Скопје Данела Арсовска, како и градоначалникот на Карпош Стевче Јакимовски остро се спротиставија на новодонесениот Детален урбанистички план на Ѓорче Петров, со кој се предвидени 31 зграда, високи и до 21 кат, а покрај дргугото предвидени се и индустриски капацитети меѓу кои и хемиски фабрики.

Спроти пазарот во населбата Ѓорче Петров ќе се гради 31 зграда, а највисоката ќе биде на 21 кат. Овие нови згради за над 7.000 нови жители се предвидени со Деталниот урбанистички план (ДУП) за градска четврт C3 16, кој Општина Ѓорче Петров го донесе на 15 февруари на вонредна седница.

Со планот се предвидува една 21-катница, една 18-катница, четири 16-катници, две 14-катници, шест 11-катници, седум 9-катници, една 6-катница и девет згради на пет ката. Зградите ќе се градат на просторот од кружниот тек кај Порта Влае кон гаражите на ЈСП „Скопје“, на границата на Општина Ѓорче Петров со Општина Карпош.

Предвидена е вкупно изградена површина од 214 илјади квадратни метри, за големи трговски единици планирани се скоро 93 илјади квадратни метри, а скоро 64 илјади квадратни метри се предвидени за намена Г2 – лесна и незагадувачка индустрија.

Градоначалникот на Карпош Стевчо Јакимовски побара денеска Советот на Карпош да го оспори пред Уставен суд овој ДУП во Ѓорче затоа што го загрозува животот на жителите на Карпош.

Јакимовски на денешната прес конференција рече дека овој ДУП е донесен на криминален начин, а најлошо е тоа што во него се вцртани три хемиски фабрики кои директно го загрозуваат животот на карпошани, особено на жителите на Влае.

– На криминален начин го донесоа ДУП, за земјиштето во непосредна близина на населбата Влае, односно на границите со Општина Карпош, каде се предвидуваат триесетина згради кои ќе бидат со по 20 ката, 17 ката, меѓутоа најголемиот проблем е тоа што се предвидени три големи хемиски фабрики и каде што според Урбанистичкиот план се наоѓа тешка и незагадувачка индустрија. Проблемот е што овие хемиски фабрики ќе ја загрозуваат Општина Карпош, но во исто време се во близина на бунарите Лепенец и на Вардар од кое што над 30 % од потребите на Скопје во летните периоди се надоместува токму од ова бунарско подрачје и од каде што имаме исклучително квалитетна вода за пиење – рече Јакимовски.

Градоначалниката на Скопјe Арсовска најави кривични пријави и ќе побара од Уставниот суд да се сопре ДУП С3 16 што советот на општина Ѓорче Петров го донесе во саботата. Таа тврди дека повеќе закони и постапки се прекршени кога се носел овој ДУП.

Арсовска на прес конференција рече дека општината ги нема сите потребни согласности од надлежните институции за да може овој ДУП да се изгласа, а добиената согласност од Министерството за транспорт и врски е добиена на основ на неважечки документи.

Дополнително за Арсовска е спорно што овој ДУП предвидува и изградба на хемиски постројки во моменти кога градот се бори против загадувањето. Таа посочи дека во овој план се вцртани 157 илјади метри квадратни за ваков тип на индустрија.

За Арсовска виновни за носењето на овој ДУП се лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски и поранешниот лидер на СДСМ Зоран Заев кои според неа имаат лични интереси да овој ДУП се оствари.