Апасиев: Пратениците кои се кандидираа за градоначалници да си поднесат оставки

Пратеникот во Собранието на Република Македонија, од редовите на Левица, Димитар Апасиев, ги повика пратениците кои се кандидираа за градоначалници и не освоија доверба од граѓаните – да си поднесат оставки од пратеничката функција.

Апасиев го потенцираше познатиот „Ред на честа“, кој важел за античките и римски политичари од сенаторски ранг, хиерархиско правило согласно кое не можете да бидете на повисока функција, доколку не исполнувате услови за пониска функција.

„Очекувам, моите колеги-пратеници кои се кандидираа за градоначалници и не освоија доверба од граѓаните – да си поднесат ОСТАВКИ од пратеничката функција.

Оти, според хиерархискиот „Ред на честа“ (Cursus honorum), пратеничката функција е над градоначалничката! Не можете да бидете претор, ако не исполнувате услови нуту за едил!?

Кога не сте освоиле доволно гласови ниту за помалата, а љубоморно и неетички си ја чувате поголемата функција – тоа значи дека немате морален компас, а ниту легитимитет веќе да ги претставувате граѓаните. Сте се обиделе да ја шитнете пратеничката функција која ви е доверена и не сте успеале. Ред е да си заминете од законодавниот дом. Спротивното значи дека вашите лични интереси (за државна плата и нереални патни трошоци) ги ставате пред народните. А тоа народот го гледа и не го заборава.“