Срамота е пасошот со старото име да важи во некои земји, но не и кај нас

Македонскиот пасош со старото име се употребува во Германија, Швајцарија, Албанија, Косово и срамота е што не важи и во земјава заради важечкиот законски пропис. Решение за тоа е пратениците, како што го сменија Законот за безбедност во сообраќајот, така да го сменат и Законот за патните исправи и да го решат веќе еднаш проблемот на граѓаните, истакна министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

-Срамота е Македонија да ги зароби граѓаните на територија на која што сме и притоа доколку пробаат да излезат од Македонија, ние не ги пуштаме, заради тоа што Законот е таков, а слободно може да се движат со македонскиот пасош со старото име во рамки на Германија, Швајцарија, Албанија, Косово. Очигледно е дека МВР превзема максимум во рамки на можностите коишто ги има во овој дел, но би сакал да го повторам решението на маките на граѓаните, а тоа решение е 61 пратеник да си ја заработи платата и да стиснат на тоа пусто копче, како што го сменија Законот за безбедност во сообраќајот, така да го сменат и Законот за патните исправи, вели техничкиот министер.