Меѓународен ден на џезот 2023

Четврток, 27.04.2023, Салон 19:19, 20 часот

Меѓународниот ден на џезот е Меѓународен ден прогласен од Организацијата за образование, наука и култура на Обединетите нации (UNESCO) во 2011 година „за да го истакне џезот и неговата дипломатска улога да ги обедини луѓето од сите страни на светот“. Се слави секоја година на 30 април.

Културно информативниот центар – Скопје се придружува кон неговото одбележување со два концерти и тоа Дуото Нинослав Спировски и Дени Омерагиќ и Георги Шарески Бенд. Со овој своевиден мини фестивал, официјално ја започнуваме и концертна програма за оваа година.

КОНЦЕРТ НА ДУОТО НИНОСЛАВ СПИРОВСКИ И ДЕНИ ОМЕРАГИЌ (20 часот)

„TWO WAYS EAST“ на дуото Нинослав Спировски и Дени Омерагиќ. Прва изведба во живо на материјалот од истоимениот албум, издаден од издавачката куќа ШАРЛА. Програмата ќе се состои од три композиции за два клавира и електроника

Дени Омерагиќ и Нинослав Спировски се музичко партнерство повеќе од една деценија. Најпознати се по нивната соработка во бендовите Светлост, Svetlost + Odron Ritual Orchestra, Fighting Windmills, B/O/S Trio, Avadarxi Quartet; како и по нивната соработка со истакнати музичари од класичната и алтернативната сцена, како Sethstat, Филип Букршлиев, Јордан Костов, Дуња Иванова, Ана Пандевска, Чиста Околина, Amplidyne Effect и др. Како автори на музиката на Светлост тие се едни од предводниците на нов бран на македонската авангардна џез сцена. Настапувале на фестивали како Скопје Џез Фестивал, Прилеп Џез Викенд, ОФФест, Скопско лето, Здраво Млади, МКЦ за Скопје, Крај Вардарот Џез, јубилеите 25 Години Канал 103 и 30 Години Канал 103 и др. Еден од најзабележителните проекти е реализацијата на македонската премиера на култното дело In C од американскиот композитор Тери Рајли.

КОНЦЕРТ НА ГЕОРГИ ШАРЕСКИ & БЕНД (21 часот)

Георги Шарески ќе се претстави со нов авторски материјал кој оваа година ќе биде објавен како 10-ти по ред студиски албум на Шарески. Станува збор за жанровски-неограничена и шаренолика музика, аранжирана и составена на начин кој што ги потенцира и инспирира силните индивидуални стилови на несекојдневни музичари. Тој вид на спонтана интеракција, за која што како подлога се користат уникатните композиции на Шарески, дозволува да се води по интуиција – создадавајќи посебен амбиент, возбудлива и единствена музичка авантура, како за публиката, така и за самите музичари.

Роден во Скопје во 1983, Георги Шарески е плоден композитор, оркестарски аранжер и гитарист со автентичен и препознатлив стил. Во 2005 дипломира на катедрата за џез композиција на Беркли колеџот за музика во Бостон, САД. Од 2005 година до сега, објавува 9 албуми со авторска музика, во различни формации, домашни и интернационални изданија, и ја изведува својата музика далеку од границите на Македонија. Соработува со светски познатите – Francesco Bearzatti, Ernst Reijseger, Boris Bell, Luca Aquino, Nikolaus Neuser и многу други интернационално  етаблирани музичари. Георги долгорочно престојувал и творел во САД, Италија, Германија и Кина, автор е на повеќе од 100 композиции, музика за документарен филм и театарски претстави, а како гитарист често гостува во жанровски шаренолики проекти.

Со почит

Културно-Информативен Центар