Левица Битола со предлог за бесплатен превоз за социјално ранливите категории, средношколците и студентите

Советниците на Левица Битола на последната седница на Општина Битола преложија бесплатен превоз за социјално ранливите категории, средношколците и студентите. Во прилог го пренесуваме говорот на членот на Советот на Општина Битола, Гаврил Трајковски:

„Го поскапивме таксито, сега на ред е јавниот превоз се надевам дека нема нешто следно. За поскапувањето го кажавме нашиот став и со такси превозот, колегата Велевски од ЛЕВИЦА кажа кој е нашиот став.

Овој тарифен систем за мене има повеќе спорни работи, но јас ќе се задржам на една. Тоа е членот два односно бесплатниот превоз за категоријата пензионери. Чудно е како баш оваа категорија е таргетирана, кои се критериумите за таргетирање на оваа група?

Сметам дека има поприоритетни категории кои треба да се ослободат од плаќање на јавен превоз. Прва категорија за која сметам дека треба да се обезбеди бесплатен јавен превоз се социјално загрозените лица, на кои месечните примања не достигаат ни една минимална плата.

Втора категорија за која сметам дека треба да се обезбеди бесплатен јавен превоз се средношколците и студентите. Категорија која е заборавена и од владата, и од собранието. Видовме како во собранието не сакаат да го протнат зголемувањето на примањата за оброкот за студентите.

Не знам до кога ќе ги одбегнуваме средношколците и студентите во нашиот град! До кога ќе ги праќаме да студираат во Скопје и надвор од државата? Битола се празни, а нам ни е гајле!

Затоа сметам дека мерката за јавен превоз е популистичка, добро познатото додворување на оваа категорија е класично подмитување на пензионерите и припрема за следната година, претседателски избори.

Затоа јас денес ќе предложам, еден од двата бесплатни дена да се додели на средношколци и студенти. Додека пак за социјално загрозените лица да важат и двата дена, со што пензионерите ќе имаат еден ден, еден ден средношколците и студентите, а во двата дена социјално загрозените лица ќе користат бесплатен превоз.