Левица: Американската амбасада ја стимулира јазичната федерализација на Македонија
- Реакција на Политичката партија Левица
Во време кога македонскиот национален идентитет е под опресија на империјалистички и трибалистичките апетити на соседните држави, додека македонскиот јазик како клучна идентитетска компонента е негиран и погазуван (како на меѓународната политичка сцена, така и од домашните квислинзи) амбасадорката на САД, Анџела П. Агелер, испрати честитка на амнестираниот терорист Талат Џафери САМО на албански јазик.
Со овој чин амбасадорката на САД директно и недвосмислено ги погази:
– Уставот на Република Македонија (член 7), согласно кој во меѓународни односи службен јазик на Република Македонија е единствено македонскиот јазик и неговото кирилско писмо;
– Виенската конвенција за дипломатски односи од 1961 година, која ја обврзува да ги почитува законите и прописите на земјата во која е поставена како амбасадор;
Овој чин на „стратешкиот партнер“, со погазување на македонскиот јазик и устав, најголем дел од македонските граѓани го доживуваат како директна закана по суверенитетот на државата. Воедно, ваквите политики се доживуваат како недвосмислено давање отворена поддршка и фаворизирање на политички партии и личности од страна на амбасадата на САД, кои со децении промовираат иредентистички политики на македонската политичка сцена.
Дополнително, спроведувањето на ваквите нео-империјалистички пракси, покажуваат користење на албанскиот етникум за постојано креирање тензии, недоверба и опасни сценарија, не само во Македонија, туку и во целиот регион на Западен Балкан. Од ваквата политика во Македонија, единствениот политички субјект кој добива е ДУИ, додека обичните граѓани, без разлика на нивниот етникум, заради тешките материјални услови, нефункционалната држава и националстички подгревања (кои не будат ништо друго освен етничка нетрпеливост и омраза) се принудени да се иселуваат!
Левица најостро го осудува газењето на македонскиот Устав и јазик! Цениме дека за ваквата политичка некоректност во најблага форма треба де следи протестна НОТА и повикување на амбасадорката од страна на ресорното министерство, за да го образложи овој „непријателски чин“ кон државата. Несомнено, оваа постапка одново подгрева етнички тензии, служи за национал-политички маркетинг и ги поткопува суверенитетот и интегритетот на државата, преку стимулација на јазичната федерализација.