Трајковски: Гасната централа на Митилинеос – најновата штетна зделка на Владата

Сé уште не се слегнала прашината после поништувањето на штетниот тендер за ПАХЕ „Чебрен“, а владата во заминување, чија единствена задача би требало да претставува организирање на парламентарни и претседателски избори, се подготвува на брзина да протурка уште еден штетен договор, скроен во четири очи и без јавна расправа.

Се работи за одлуката на Владата да и овозможи на грчката компанија Митилинеос да гради когенеративна гасна централа со инсталирана електрична моќност од 90-105 MW и топлинска моќност од 135-150 MW. Индикативната вредност на проектот изнесува 211 милиони евра, односно околу 2 милиони евра/MW инсталирана моќност. За споредба, во Србија Газпром веќе изградил три комбинирани гасни централи по цена од 0,85 милиони евра/MW. Ова е првиот и најочигледниот показател на штетниот договор.

Најлошото во овој договор е што Владата би ја „помогнала“ грчката компанија со 49,75 милиони евра, односно со 23,6% од индицираната цена. Се враќаме на истиот проблем како со Чебрен, а тоа е дека само со 15% учество Македонија би можела да подигне кредит (моментално ни се ставени на располагање околу 800 милиони евра поволни кредити за Зелена транзиција) и самата да ја изгради гасната централа, која патем речено за 100 MW би требало да чини околу 85 милиони евра, а не 211 милиони. Единствената разлика во однос на ПАХЕ „Чебрен“ би била што не би ја вложиле ХЕ „Тиквеш“.

Во предложената варијанта, со наши пари, т.е. со наше учество Митилинеос би подигнала кредит, би го отплатувала од приходите на електраната следните 20 години и би станала сопственик на електраната, наместо истото да го направи Македонија и самата да биде сопственик и да извлекува профит.

„Стратешкото партнерство“ би се одвивало според моделот што неодамна го претпоставив и изнесов, а тоа е преку договор за загарантиран откуп на електрична енергија, односно PPA (Power Purchase Agreement ). Македонија би била обврзана да го откупува производството на електрична и топлинска енергија по пазарни услови, односно по берзански цени. За нарушување на откупот, што на грчката компанија би можела да и ја наруши динамиката на отплата, во договорот се предвидени големи пенали.

Првото прашање што се наметнува е зошто Македонија би вложила 50 милиони евра во нешто што нема да биде нејзино, ако веќе мора да купува енергија по пазарни услови? Тогаш многу поедноставно и поевтино би било едноставно да увезува електрична енергија без никакво вложување. За загадувањето да не зборуваме.

Второ, ако веќе се обврземе на голема финансиска дисциплина, под закана од големи пенали, тогаш зошто самите да не бидеме подеднакво дисциплинирани во отплатата, електраната да биде наша, никому да не овозможуваме простор за богатење од нашиот пазар и да не сносиме ризик од пенали?

Ова претставува очигледен обид за овозможување противправна имотна корист на други лица, што е казниво спред членот 247 од Кривичниот законик. Да се потсетиме, казнив е и самиот обид, а казната изнесува до 10 години затвор. Паралелно следиме и обид за злоупотреба на службена должност и овластување, на штета на државата, што е казниво по член 363 од КЗ. Јавното обвинителство веднаш би требало да отвори истрага и да ги гони сторителите по службена должност, што им претставува должност, а судот веднаш да донесе времена мерка – стопирање на потпишувањето на договорот. Нека реагираат барем сега, кога не реагираа за многу поштетниот договор за автопатиштата на „Бехтел и Енка“.

Дека се работи за недобронамерен и штетен договор, најдобро кажува брзањето, со само 3 дена скратена расправа во парламентот да се протурка ваков штетен договор. Од друга страна, уништувањето на РЕК Битола не претставува обична случајност, ако се гледа во контекст на форсирањето на странски енергетски компании.

Уште еднаш да потсетам, за само 100 милиони евра можеме да купиме, освежиме и инсталираме гасна електрана (што моментално се продава во една западноевропска земја, со една година гаранција) и така да ја оживееме ТЕ „Неготино“, со што би добиле 450-500 MW електрична енергија, 2,5 пати повеќе отколку со предложената грчка „инвестиција“, а 10 пати поевтино по еден мегават инсталирана моќност (0,2 наспроти 2 милиони евра/MW). Тоа што електраната е веќе работена не претставува никаков проблем, бидејќи во наредната деценија веројатно нуклеарните електрани, базирани на мали модуларни реактори (SMR – Small Modular Reactors) ќе го преземат приматот во производство на електрична енергија, за што светот веќе се подготвува.

Многу загрижува и молчењето на опозицијата во парламентот, што јасно кажува дека за овој штетен договор има многу заинтересирани, не водејќи сметка за државните интереси.

Не им претставува проблем ниту тоа што Митилинеос има долгорочно партнерство со Газпром за откуп на руски гас, што би можеле и самите да го увезуваме, а зошто пак Газпром не би ни изградил иста таква електрана за само 85 милиони евра? Се разбира, Македонија би била инвеститорот. Но, кога парите се во прашање, политиката не им претставува никаков проблем.

Тешко на оваа држава со вакви луѓе кои ја водат. Зар не гледаат како грчката држава се однесува кон нашата, во контекст на промената на личните документи? На компанија од таква земја ли сакаме да и станеме робови? Вакви штети на населението не би му направила ни една странска окупациска власт, а камоли домашни политичари, чија задача е да му обезбедат подобра иднина на своето население.