Рудници на смртта – Рајот за странскиот капитал е пекол за Македонија

  • Пишува: Реџеп Исмаил – Хактан – член на Презедиумот на политичката партија Левица

Она што ерата на Груевски го промовираше под мотото „Македонија рај за странски инвестиции“ денеска тоа стана политичка мејнстрим норма за сите политички елити – барем за оние кои периодично се менуваат во власта. Во врска со ова, ние левичарите, искуствено поучени од соработката и сведоштвата на работниците кои работеа под палката на тие странски директни инвестиции, тврдевме, сега тоа го правиме со уште поголема увереност, дека, со правењето рај за таквите инвестиции се гради пеколот за македонските работници.

Последниов период сме сведоци на тоа како странските инвестиции, не само што се пекол за работниците, тие се закануваат да постанат пеколни и за целокупниот хабитат на Македонија. Имено, странските инвестиции во случајот на Бехтел и Енка како и рудниците на смртта во источна Македонија, се закануваат да ги полеат со пепел историски и архиолошки, но и природните и еколошки богатства и потенцијали на Македонија, каков што токму е случај со опасноста од отворање на рудниците за злато во Иловица и Штука.

Искуството од соседните земји како Грција и Бугарија се доволен доказ за социјалните и еколошките катастрофи што може да следат доколку овие меѓународни компании успеат да ги остварат своите бизнис интереси во источна Макеоднија преку концесиите за ископ на руда.

Очигледно е дека странскиот капитал сака да уништи се живо преку рудници за злато во Источна Македонија, симптоматично е тоа што, кога, ваквите центри на моќ се соочуваат со отпор, за протнување на својата агенда, посегнуваат по типичните методи на колективниот Запад, кои со години ги применува во Макеоднија. Токму таков е случајот со последните настани, преку влегување во игра на тетовската компанија „Еколог“, странскиот капитал се обидува да ги искористи албанците како фактор на донесување на одлуки во државава, што за жал, тоа и им успеа?!

Замислете, веднаш после влегувањето на „Еколог“ во играта за концесии, Владата (читај ДУИ), носи одлука со која се спојуваат концесиите за рудникот „Иловица-Штука“,  што беше клучна и најголема препрека за добивање на дозвола за експлоатација! Тоа што со години се обидуваат „Еуромакс рисорсис“ да го добијат, сега, откако Назиф Дестани (Еколог) вложи милиони евра за 25% од акциите во „Еуромакс рисорсис“, преку ноќ го добиваат со посредство на ДУИ.

Додека владата на СДСМ противправно, криминално, спојува концесии со цел да овозможи отворање на рудникот на смртта “Иловица-Штука”, Централен одбор на СДСМ носи одлука во која вели дека граѓаните во Струмица, Ново Село, Василево и Босилово на референдум ќе решавале дали ќе има рудник или не?! Прво го убиваат народот па потоа велат: народот ќе одлучи дали ќе живее.

Нема просечно интелигентен човек на кој не му е јасно дека никој рационален инвеститор нема да вложи милиони за 25% удел во фирма која има одземена концесија. Освен, ако тој инвеститор нема механизам да влијае врз судовите и преку политички притисок да издејстввува преврат на состојбата во своја корист. А кога го имате ДУИ, тоа во секоја околност е можно – ДУИ го прави возможно и она што не е реално а најмалку е правно оправдано!

И покрај сите предупредувања на еко активистите за опасноста од целокупниот процес на рударењето во овие региони – процесот на добивање на рудата, минирањето на пределот, складирањето на јаловината од преработената руда и слично – властите и концесионерите (странскиот капитал), сакајќи да избегаат од ваквиот незгоден терен, наводната безбедноста на проектот ја нагласуваат со аргументот дека во истиот учествува Европската банка за обнова и развој (ЕБОР), која демек поставувала „високи еколошки и социјални стандарди“.

Што се однесува до социјалните стандарди, доволен е фактот дека концесискиот надомест, како дел за државата од прикажаниот профит на инвеститорот, е одреден на само 2%?! Додека пак за еколошките стандарди на европските институции, односно за нивното лицемерие во спроведување на било какви стандарди на периферијата од радиусот каде имаат влијание, ако не е доволно јасно со Преспанскиот и Францускиот предлог, тогаш добро е да се погледне колку отпад е увезен во Македонија токму од земји членки на ЕУ.

Понатаму, не е безначајно и тоа што ЕБОР има двојна улога во овој случај: тие во исто време се и доверители и акционери, бидејќи ЕБОР е 19,9 отсто косопственик на „Еуромакс рисорсис“, што би значело дека една од нејзините цели е брз поврат на инвестициите, а не општествените интереси на македонската јавност.

Тековните борби на еколошките здруженија против рудниците на смртта служат како огледало преку кое се одразува интеракцијата на глобалниот капитал и демократијата во земјава. Милјардата долари како казна за Македонија со која ни се закануваат преку меѓународниот арбитражен суд е евтин блеф со манипулативна намена. Затоа, во сабота, на 15.07, во 11:00 ч, на раскрсницата пред Глобал во Струмица, треба масовно да се одзваме на повикот за блокада, упатен од страна на еко.здруженијата, како заедничка акција и показна вежба против рудниците на смртта!