72 години од смртта на Панко Брашнаров

Панко Брашнаров е роден во Велес во 1883 година. Учесник е во најзначајните историски моменти во битката на македонскиот народ за независност и слобода. Од Илинден, Балканските, Првата светска војна до историскиот АСНОМ. Избран е за народен пратеник и претседавач на Првото заседание на АСНОМ и член на АВНОЈ.

2 Август 1944-та, Манастир Св.Отец Прохор Пчински – Како најстар делегат на Првото заседание на АСНОМ, Панко Брашнаров го отвора заседанието со зборови кои ќе останат вечен спомен за него и неговата љубов кон Македонија:

“Другари и другарки, народни претставители, Во овој момент, во ова историско место – Св.Отец Прохор Пчински, и на овој историски ден – ИЛИНДЕН – кога објавувам да е отворено првото Антифашистичко Собрание на народното ослободуење на Македонија, душата ми е преполнета со радост, и пред премрежените очи гледам како се раздвижиле сите реки од Пчиња и Вардар до Места и Бистрица, заплискујат ја целата македонска земја, сакајќи да го измијат од македонскиот народ десетвековниот ропски срам од пропаста на самоиловата држава, за да се роди денеска нова, светла и слободна Македонија.

Во овој момент, земјата на нашите покојници – многубројните народни херои, паднали и посејали коските си по цела Македонија, им станује по лека и они во мир веќе го гледат изгревот на нашата слобода, гледат идеалната дружба на старите Илинденци на Гоце Делчев и денешните Илинденци – младата македонска војска и поставените темели за остварението на идеалот на две поколенија, на две епохи – слободна, обединета Македонија…“

Во знак на почитание спрема падналите јунаци, ја ве повикувам да им ја изразиме со еден минут молчание нашата вечна, бескрајна признателност. Вечна слава на падналите херои за слободата на Македонија.

Другари народни претставители, жив сум свидетел на двата Илиндена – 1903 и 1944 година. Во моите спомени се книжат безброј моменти на илинденската народна епопеја и Крушовската република. Бескрајни беа напорите на вооружениот македонски народ, огромна беше жедта му за слобода, борбата го дари со слободна Крушовска република. Но разјарениот башибозук и турската регуларна војска се нафрлија и го затрупаја оазисот на слободна Македонија – Крушовската република, го задушија востанието и го стегнаја искрвавениот македонски народ во ново ропство.

Животворниот извор на слободата не секна. Македонија ја поделија, ропствата се менија, но борбата на македонскиот народ не престана…“

По неколку години работа во штотуку организираната држава, како приврзаник на ставовите во Резолуцијата на Информбирото Брашнаров бил приведен, прогласен за непријател на власта и испратен на злогласниот остров Голи Оток каде што починал на 13 јули 1951 година.

По иницијатива на Левица во советот на општина Велес моштите на народниот учител Панко Брашнаров ќе се враќаат во неговиот роден град.