Регионална анализа за случувањата во Македонија

Пишува: д-р Ненад Живановски (докторирано на тема „Говор на омраза во политичкиот дискурс во медиумите“) 

Загрепскиот портал Геополитика, бањалучкиот дневен весник Независне новине и порталот Српска Инфо од Бања Лука, објавија подолга анализа за најновите случувања во Македонија, во текстот на нивниот соработник д-р Ненад Живановски. Истата анализа Геополитика ја објавува со наслов „Во добронамерноста на францускиот предлог не би поверувала ни француска ‘собарица’“, Независне новине „Северна Македонија на искушение – дали францускиот предлог е последниот клин во сандакот“, а Српска Инфо со наслов „Непристојна понуда на ЕУ“.

Анализата ја пренесуваме во целост.

Протестите во главниот град на С. Македонија – Скопје, против таканаречениот француски предлог, со што треба да се одблокира почетокот на преговорите на државата за членство во ЕУ, влегоа во втората седмица од траењето. Протестирачите не само што не се откажуваат, туку добиваат на бројност и мобилност. Веќе се поставени и шатори пред Собранието за да бидат присутни сè додека предлогот не биде отфрлен. Исто така, и креативноста на демонстрантите не отсуствува, ако се суди според перформансот што го направија со инсталацијата на француска гилотина, на која пишуваше „француски предлог“, а што може да се протолкува како обезглавување на македонската држава и нација доколку предлогот биде прифатен. Меѓутоа, постои и алтернативно гледиште: гилотина го чека оној што ќе го потпише и ќе го прифати ваквиот предлог.

Дали сè уште некој се сеќава дека на 21 јуни 2003 година ЕУ одржа Самит за Западен Балкан во Солун? На тој самит, земјите од Западен Балкан добија јасна перспектива дека се идни членки на ЕУ. Тогаш во Солун, меѓу останатото, се зборуваше и за датум кога ќе се случи големото проширување: прво беше предвидено на 100-годишнината од почетокот на Првата светска војна, во 2014 година, како симболично потсетување дека токму во регионов почна Големата војна. Потоа, колективниот прием се пролонгираше за четири години, на 100-годишнината од крајот на Првата светска војна во 2018 година.

Од Самитот во Солун се случија уште десетина самити за Западен Балкан, но, за чудо, никој не го постави прашањето зошто планираното проширување во Солун 2003 не е исполнето ни во 2014, ни во 2018 година. Имајќи го ова искуство зад себе, на 110-годишнината од почетокот на Првата светска војна, во 2024 год., пореално е да се очекува дека ќе се случи нова светска војна, отколку Македонија да стане членка на ЕУ.

Пазар во кој вложуваш сè, а може да не добиеш ништо

Од каде тогаш оваа еуфорија кај македонската влада, по промена на името, дека со прифаќањето на францускиот предлог Македонија ќе влезе во сигурна процедура за полноправно членство во реален временски рок? Имајќи го предвид досегашното искуство кое го има Македонија со сите одлуки на Советот на министрите на ЕУ, оваа мала баканска земја се наоѓа во бизарна политичка ситуација да влегува во пазар и тргување во кое вложува нешто (претходно, промена на името на државата, а сега останатите национални и државни атрибути на сувереност), за да би добила нешто друго – членство во ЕУ. Секој пазарџија ќе ви рече дека тоа е нереален есап, во кој продавате нешто, а ништо не добивате, освен ветувањето дека можеби некогаш ќе ви биде платено за тоа што сте го продале. 

Така би резонирал обичен пазарџија. Но, дали постои и во државава кост-бенифит анализа која на крај би покажала дека со промената на името и сега прифаќањето на францускиот предлог, земјата е во добивка и дека ќе ѝ биде платено за продаденото, преку сигурен влез во ЕУ? И, што ако завршната сметка покаже дека ќе бидеме во зијан – можеби и ќе се започне со преговори, но без гаранција за прием? А името веќе е сменето, националните и државни атрибути на сувереност обезличени или укинати. Враќање назад нема.

Дека таквиот исход е реален, наведува и само површна анализа на методологијата на владеење и држење во покор на државите во регионот од страна на западните дипломати и ЕУ бирократите. На државите им се поставуваат невозможни барања што го нарушуваат нивниот суверенитет, а од нив се бара да преговараат и изнајдат компромис, иако тоа се прашања за што ниту една држава со самопочит не би преговарала. Токму тоа му го прави Западот на Западниот Балкан последниве триесетина години: Македонија да преговара и да го смени името на државата, а сега со францускиот предлог да се обезличи. Србија да се одрекне од својата територија во делот на Косово, а во Босна од ентитетите (српскиот) се бара да се одрекне од правата што според Дејтонскиот договор му припаѓаат, со изговор за некаков имагинарен граѓански концепт на државата, а, всушност, тоа претставува мајоризација на муслиманите над Србите и Хрватите. И сето тоа се бара да се прифати доброволно.

Со ваквите непристојни барања за компромис Западот добива пет во едно: 1. Ви дава лажна надеж за членство во ЕУ; 2. Го тргнува Западниот Балкан од дневен ред за подолго време; 3. Не мора јасно да каже дека нема намера да ве прими во својот клуб; 4. Постојано може да владее со регионот; 5. Не ви дозволува да разгледувате алтернативно решение, откако ќе ви стане јасно дека неговата понуда за членство во ЕУ е само фиктивна. Народски кажано, ситуација угоре високо, удоле длабоко.

Производство на согласност

Пристапот на Западот, со што ги присилува државите од Западен Балкан да изнаоѓаат компромис за теми за кои не се преговара, во дипломатијата се нарекува „производство на согласност“, за прв пат спомнато од политичкиот коментатор и татко на современиот американски журнализам Волтер Липман. Производство на согласнот значи дека државата (В. Липман зборувал за „збунетото стадо“) се изложува на притисок, закани (и со војна), нон-пејпери, дипломатско „убедување“ за да попушти и се согласи на испорачаното барање. Кога тоа ќе се случи, тогаш западните дипомати ќе ве убедуваат дека самите сте се решиле за компромис и дека немате право на друг да му се лутите, што, формално е точно, но, суштински е многу расипан и лицемерен дипломатски манир. Со таквиот пристап покажуваат дека не ве сметаат ниту за племе, туку за стадо и тоа збунето.

Она што го бара ЕУ од Македонија е токму тоа – притисок за производство на согласност за национално и државно обезличување, што во меѓудржавните и меѓународните односи и кај асалните држави би се толкувало како причина за војна. Значи, за едни е компромис и перспектива за светла иднина во ЕУ, а за други е касус бели

Да се обидеме да ја појасниме оваа теза преку историско искуство. На почетокот на текстов беше спомната Првата светска војна. На прашањето што довело до нејзе, многумина ќе одговорат – убиството на претстолонаследникот Фердинанд во Сараево. Точно, но, не и најточно. Војната започнала откако тогашниот српски премиер Никола Пашиќ го одбил ултиматумот на Австрија бидејќи бил спротивен на тогашниот устав на Кралството Србија. Во ултиматумот се бараше од Србија да ѝ дозволи на австриската влада да спроведе истрага и да апси во Србија осомничени за убиството на надвојводата Фердинанд. Пашиќ имаше две опции: или да го смени уставот под закана од војна и да дозволи туѓа полиција да му приведува српски државјани или да го отфрли ултиматумот. Тој избра да ја одбрани честа на државата и народот и по цена на војна, што никој не сакаше, но, некогаш сте принудени на тоа, во одбрана на суверенитетот. 

Македонија во својата кратка историја на независност веќе два пати прифати да го менува уставот под воена закана и политичка уцена – прв пат во 2001. во конфликтот со Албанците, втор пат во 2018 под притисок на Грција го смени името на државата, трет пат е под притисок на Бугарија во 2022. Се прифати ли сега, сигурно ќе има и четврти и петти…

Затоа и државата е доведена во ваква ситуација каква што е – да не може ЕУ толку да ве понижи колку што вие можете да прифатите и пак да се наоѓате на почетното место, односно морковот да е еден чекор пред вас – магарето.

Што ако се прифати предлогот, а што ако се отфрли

Знаејќи за македонската упорност во самопонижување, ЕУ е сега на добитна позиција, што и да реши Скопје. Ако го прифати францускиот предлог, долгорочно ќе влезе во спирала на нови уцени, најави, исчекувања, ветувања, а сè со цел крајната цел да не се постигне – членство на Македонија во ЕУ. А тоа е се поизвесно, бидејќи францускиот предлог е напишан со една дипломатско – лингвистичка акробација, што може да се толкува на кого како му одговара, и оттука убедувањето на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, дека основните национални и државни интереси се заштитени во францускиот предлог. Меѓутоа, кога ќе дојде до спроведување на потпишаното, сигурно е дека ќе се применува толкувањето што ќе го даде Софија, а не Бујар Османи, а под закана на вето, нешто што постојано ќе демне во случај бугарското толкување да не биде прифатено од македонската влада..

Тогаш, според толкувањето на договорот од Софија, Скопје ќе треба да признае дека Македонците се народ – дериват на бугарскиот, настанат во 1945, како продукт на комунистички инжинеринг.

Историјата на македонскиот јазик, исто така, ќе мора да се прифати според бугарските тврдења, дека тој е идиом на бугарскиот книжевен јазик. 

Учебниците по историја и македонски јазик, пред да се употребуваат во образованиот процес, ќе мора да одат на рецензија и одобрување во Софија.

Бугарското малцинство што на последниот попис во државата од 2021 е во рамките на статистичка грешка според бројноста (околу 3.000), ќе мора да биде внесено во Уставот на државата.

Секој негативен коментар од обичен граѓанин против бугарската држава и нација во јавниот дискурс или на социјалните мрежи ќе се оквалификува како говор на омраза и ќе биде кривично санкциониран, што не исклучува и закана со затвор.

Бугарското присуство во Македонија за време на Втората светска војна во историските учебници нема да се објаснува како окупација, туку како администрација, а на спомениците на убиените Македонци од страна на бугарската војска, да се избрише дека тоа е сторено од бугарскиот фашистички окупатор. 

Ако го прифати францускиот предлог, Македонија ќе влезе во една орвелијанска реалност во која историјата ќе се ретушира, јазикот ќе се моделира како резултат на политичка супремација, а слободата на говор ќе навлезе во една сива зона, под постојана пресија на прогон и казна. 

Ако, пак, се одбие францускиот предлог, повторно „кец на десетка“ за ЕУ, бидејќи причината за неотпочнување на преговорите ќе му се префрли на Скопје, а не на нивниот непристоен предлог, што е невозможно да биде прифатен. Со тоа, ЕУ на подолг период ќе ја тргне С. Македонија од видно поле со објаснувањето – поради некооперативноста на Скопје. Оваа шизофрена состојба би можела да се нарече „производство на вина на невиниот“. 

Сепак, ако прифаќањето на францускиот предлог се оцени за нужно зло и под принуда се прифати, поради неизвесноста дали тоа зло ќе произведе некакво добро, најдобро е кога ќе се пристапи кон промена на уставот, во преамбулата да се уфрли и објаснувањето дека до промена на уставот доаѓа од „желбата“ на македонските граѓани за членство во ЕУ. Неисполнувањето на оваа желба во реален и догледен временски период, би значело дека имате бекап во иднина да ги ресетирате работите на претходното ниво.