Битола, поим за култура

Зеленило, обележани патишта, мирис на липа и мелено кафе на „Корзо ” и Стара Битолска чаршија, полни меани. Хармонија низ улиците, благосостојба, разиграни деца, топки насекаде, полни плетени торби, полни цркви.

Горан Велевски
Модератор на Левица – ЛО Битола

Шешири, долги елегантни фустани, пајтони, на секој чекор конзулати, чашитски муабети со чад од пури се’ додека не се појави баграта и хунтата по осамостојувањето на Македонија.

Спортски ракометен град на ниво на Европа, наша голема гордост за сега да немаме греење во салите. Од тумбе кафе се следеа фудбалски натпревари на Пелистер, а сега имаме руиниран стадион.

Растурање на касарната, која беше една од поголемите во Југославија, каде што воен рок служеа Шабан Шаулиќ и Мирослав Илиќ, каде што ги забавуваа граѓаните макар и преку ограда со своите таленти за пеење, за сега да се продава општинско земјиште за да никне бетонски урбанизам и профит на тајкуните.

Белите ленти станаа избледени и сѐ уште се, дупки по патиштата насекаде, дупки во душите непреболени за уништените спомени. Депонии на секој чекор.

Загадувањето енормно, град со најмногу фабрики и најмногу погоден од приватизацијата, да не ги заборавиме жртвите на ТАТ банка, најубавата зоолошка во Македонија, за сега и тигарот да наликува на маче поради неухранетост. Мртви животни оставени во околните канали, кои се слеваат во врнежливи услови во центарот на градот, каде што пливаат фекалии на површина поради затнати шахти, а за тоа се виновни оние неспособните што молат за глас за „подобра Битола ” веќе 30 години.

Широк сокак и Стара чаршија го изгубија мирисот на кафето и чкембе чорбата како синоним на градот, поради тоа што сите властодржци ставаа зачини секаде само за сопствени интереси!

Град со најголема стапка на иселување, колабирано здравство, поделен народ.
Детските фестивали Сидо и Тралала ги распродадовте по други градови, не можевте да ги задржите и израдувате најмладите за лични профити.

Од Домот на културата останаа само празни соби, уште Манакиевите средби трепкаат на резерва.

А, за националниот парк „ Пелистер” и скијачките центри, Детското одморалиште, Копанки… голема штета каде што сте виновници за уништувањето на спомените.
Единствено што направивте е што поставивте рампа – патарина бруки едни.

Што му направивте на градот? Колку солзи што го исплакале, толку песни го опеале!

Не постои Суд што ќе ви ги прости гревовите!