(Видео) Димески: Левица ги отвори суштинските прашања за опстанок на Републиката

  • „Честа беше голема, дополнително што претседателот Димитар Апасиев неговиот говор го почна со зборовите „Тито во Тетово го испратил прилепчанецот Кузман Јосифоски Питу да ја формира КПМ, Левица го праќа Игор да ја продолжи мисијата’.“ – напиша Димески во објвата од видеото на социјалните мрежи. Во прилог говорот од носителот во изборна единица 6:

Другари и другарки, почитувани соборци, почитувани гости на овој наш собир.

Огромна е возбудата и честа да се обратам тука во Тетово, градот каде е формирана комунистичката партија на Македонија, под чие водство се создаде државата Македонија.

За оние кои не ме знаат, јас сум Игор Димески, дипломиран економист со 30 годишно работно искуство, татко на две ќерки и дедо на две внучиња.

Во политика сум влегол уште како млад со чисти идеали и искрена борба за левичарски идеи со главна цел – враќање на Социјализмот како економско политички систем, а со тоа и достоинствен живот за оние кои заработуваат од сопствениот труд…работници, земјоделци, инжинери, лекари, наставници, професори, пензионери итн.

По тој политички пат кој трае еве веќе 25 години, сум сретнал многу искрени левичари, но и луѓе на кои идеологијата не им е од никакво значење и политиката ја користат само за своја лична корист, што е една од основните причини за урнисување од општествено политичкиот живот и стагнација на државата.

Спрема моето лично убедување, според кое и се водам во животот, најважна работа за една идеолошки испрофилирана личност, која силно верува во целта за која се бори, е да ја сочува идејата чиста од квази соборци и политички материјалисти.

Другари и другарки, јас, во овие 25 години политичка активност, водејќи се од моите принципи и убедување, успеав идејата  и целта во која верувам да ја сочувам чиста од лукративци и политички манипуланти, но тоа ме чинеше многу изгубено време и енергија во организации кои само декларативно ги споделуваа вредностите за кои се борам и верувам во нив.

Последниве 7 години, од кога активно сум дел од Левица, сум растеретен од тие стравувања поради фактот што Левица не само што е единствена политичка партија што искрено се потпира на идеологијата за која се залагам, туку е и единствената политичка организација во Македонија која со своето политичко дејствување ги разобличи и ги отвори суштинските прашања во општеството, на кои ако не најдеме одговори ќе ја изгубиме Републиката.

Почитувани соборци, јас во Левица го пронајдов својот идеолошки мир.

Другари и другарки, можеби на некој ќе му звучи излитено, но јас ви тврдам дека овие избори се можеби последната можност да си ја сочуваме државата во форма во која досега ја познаваме.

Ако сега потфрлиме како нација и повторно го дадеме камшикот за власт на овие кои не камшикуваат еве третина век, тогаш треба сериозно да се запрашаме дали воопшто ние како нација сме зрели да имаме сопствена држава.

Затоа другари и другарки, соборци, вие што сте тука и оние кои не се тука меѓу нас, а се свесни за опасноста и предизвиците пред кои е исправена Македонија, треба да се издигнеме и храбро да истапиме на браникот на државата и да дадеме максимум во нејзината одбрана.

Ви се обраќам вам, кои сте тука, а и на оние кои ќе го слушнат овој глас, овој повик.

Уште од овој момент излезете меѓу народот, појдете кај своите пријатели, роднини, познаници и кажете им, без ни малку сомнеж и скептицизам, дека Македонија е во реална опасност и дека сме на прагот на разнебитување на темелите на државата.

Кажете им дека ова ни е последна шанса како нација да си ја сочуваме државата.

Кажете им дека лажни пророци ќе им го бараат нивниот глас, а во суштина се измеќари на исти центри кои не и мислат добро на Македонија.

Кажете им дека Левица е отворена партија за секој искрен родољуб на кој приоритет му е правда и достоинствен живот.

Кажете им дека сега не е време за дефетизам и апатија и седење дома, сега е време за борба.

Кажете им дека сега и се потребни на Македонија, и нивниот глас за Левица е најјакото оружје против деструктивците, лажните пророци и ајдуците кои ни ја разнебитија републиката која со крв ја спечалија нашите предци.

Посебно ви се обраќам на вас младите. Разговарајте со своите родители, појдете кај вашите баби и дедовци, на кои секојдневно контролираните медиуми им го перат мозокот, кажете им дека се работи за вашата лична иднина и дека нивниот глас за Левица е глас за подобар живот на вас лично и вашите врсници.

Кажете им дека нивниот глас за Левица ќе им обезбеди достоинствена и спокојна старост.

Почитувани соборци,

Излезете меѓу народот, кажете му на секој со кого ќе разговарате дека со Левица ќе дојде и правичниот економско политички систем, ќе дојде Новиот Социјализам, системот во кој нашите дедовци и татковци го создадоа сето ова што овие ајдуци го крчмат еве 30 години и не можат да го докрчмат.

Кажете им дека ќе имаат квалитетно бесплатно здравство.

Дека ќе имаат квалитетно бесплатно образование од градинка до докторски студии.

Кажете им дека ќе имаат брзи пруги, модерни патишта, сопствени централи за струја, дека ќе имаат оптимална плата, а не срамната и понижувачка минимална плата.

Кажете им дека иди народна власт, нивна власт.

Другари и другарки, соборци

Македонија нема светла иднина без силна поддршка за Левица на овие двојни избори.

Да ја шириме идејата на Левица и со тоа да обезбедиме светла иднина на републиката.

Да живее Левица!

Да живее Македонија!

Смрт на фашизмот, слобода на Народот!