Во Битола претставена кандидатката за претседател на Левицa – Билјана Ванковска

Во Битола во Народниот театар претседателскиот кандидат на “Левица“, Билјана Ванковска пред битолачани ја претстави својата програма, а покрај неа зборуваа и претседателот на Левица, Димитар Апасиев и Јована Мојсоска, носител на листа во Изборната единица 5.

-Моите противкандидати велат ќе ја направеле европска Македонија. Целава приказна за ЕУ јас сакам да ја боцнам како балон и да се види дека зад таа приказна нема бајка. Велат ќе го славеле 9 мај – Денот на Европа. Тоа е измислена работа. 9 Мај е Ден на победа над фашизмот. А, Битола градот на Стив Наумов, не трпи фашизам. Денес ние се соочуваме и со неофашизам. Јас не велам дека ние не припаѓаме на Европа. Напротив, ние припаѓаме на Европа, но не и на Европската унија. Ми замеруваат дека многу сум зборувала за Палестина, за Газа. Па зарем она што нас ни го направија со Преспанскиот договор не е геноцид. И уште утре, на соочување, ќе треба да се објаснува дали сум про ЕУ или анти ЕУ. Не, јас сум про Македонија. Јас сум про македонска сила, истакна Ванковска.

На митингот зборуваше и носителот на листата за кандидати за пратеници во ИЕ5, Јована Мојсоска, која рече:

–Не дозволувајте да ве обземе лузерскиот менталитет на еден послушник на странците олицетворен во ликот на Стево Пендаровски, кој упорно тврди дека Македонија мора да го промени Уставот затоа што како мала држава толку можеме?! Напротив, оваа мала држава раѓала големи херои и државници, кои биле спремни да гинат за идеалите во кои веруваат. Ние како генерација, не смееме да потонеме во овој авто-колонијалистички менталитет, затоа што тоа им го должиме на Стив Наумов, на Елпида Караманди, тоа го должиме на Вангел Нечевски-Тунелот, на Вангел Тодоровски-Мајорот, на Фана Кочовска Цветковиќ, тоа го должиме на Естреја Овадија Мара. Македонскиот народ нема од што да се срами. Македонскиот народ во својата генеза ги носи слободарските традиции на АСНОМ и македонскиот народ секогаш бил на правилната страна на историјата!