Невиден американски диктат

  • Колумна на Ристо Никовски за порталот plusinfo.mk

На самитот на НАТО во Букурешт, 2008, ни беа поставени јасен ултиматум и уцена – прво промена на името, потоа членство. Тоа важеше и за ЕУ. Ова „решение“ ни го наметнаа САД, и само САД. Никој друг во алијансата не може да донесе таква одлука. Ниту сите други заедно, без САД.

За Американците сме недоветни, нè третираат повеќе како обична и неконтролирана територија, отколку како протекторат, а ние не реагираме. За возврат, ги сметаме за „стратегиски партнери“.

Деновиве, на самитот на ОБСЕ, го почестивме и Џејмс О’Брајан, помошник државен секретар на САД. Тој дојде и со јасни пораки за нас (според „Вечер“ од 2/11/2023) – „Имате понуда на маса (промена на Уставот, де), треба да ја земете, ако не ја земете – ѝ вртите грб на историјата“. И, продолжи – „Тој пат може да изгледа задоволувачки, но тоа ќе ја чини вашата економија, ќе причини повеќе луѓе да сакаат да ја напуштат земјата и, генерално, ќе ја уназади земјата. Ги охрабрувам сите политички лидери да ја земат оваа можност“!

Рече дека подобра понуда не може да се очекува, а ако велат – „Имам подобра понуда, но нема сега да ти кажам што е“, советуваше да не се залетуваме бидејќи – „тоа е личност од  која не би купиле автомобил. ПА, МИСЛАМ И ДЕКА НЕ БИ ТРЕБАЛО ДА ГЛАСАТЕ ЗА НИВ…“.

Прво, да се осмелиш да порачаш да не се гласа за опозицијата, тоа е веќе бесрамно и безобразно мешање во внатрешните работи. Второ, ние, суртуци, не знаеме што е добро за нас ама, еве, ни дошол просветител! Трето, од каде ли само знае О’Брајан дека нема да има подобра понуда? Таа доаѓа од ЕУ, а не од САД. Четврто, спомна и дека – „Некои политички структури мислат поинаку, НЕКОИ МОЖЕБИ ДОБИВААТ ПАРИ ОД НЕКОИ МЕСТА, некои имаат легитимни аспирации на малцинското гледиште…“, што е однесување надвор од сите меѓународни норми. Сè заедно, незамислива агресивност.

О’Брајан имал средба и со лидерот на опозицијата, ама во просториите на нивната Амбасада. Тој чин е навредлив и за опозицијата, ама и за државата. Според дипломатските протоколи, ако веќе се сака средба, лидерот на опозицијата не може да се третира како американски приврзок, и мора да се оди во нивните простории.

Причината, воопшто не е случајна. До сега, таму се среќаваа со претставниците на ДУИ. Кога средбата е кај нив, реченото останува тајна. Секако, такви се и пораките за Мицкоски. Нека му ја мисли Македонија.

Неодамна, отворено ни се закани и сенаторот Крис Марфи („Нова Македонија“, од 30/5/2023) – „Неспроведување на измените во Уставот ќе се одрази врз односите помеѓу САД и Македонија“! Што ќе следува – објава на војна?

Го подржа и амбасадорката, Агелер – „Неговата порака е важна, доколку тешките одлуки за напредување во евроатлантските интеграции не се направат до крајот на годинава, сигурно ќе има луѓе во САД, во Белата куќа, во Капитол… што ќе се прашуваат…“.

И Агелер, (“Слободен печат“, од 10/1/2023), не опомена – „Уставните измени да се направат што поскоро“! На 24/1/2023 година, според МИА, од Гостивар нѐ потсети – „Тешко е, но уставните измени се неопходни“.

Не објасни зошто е тешко? Дали затоа што повторно треба да капитулираме? На ист начин, „нè тешеа“ и околу договорот од Нивици. И тогаш за нас беше сè тешко, се’ додека не нè натераа на капитулација. Испробан метод.

Еве како беше порано. Сличноста е – случајна.

На самитот на НАТО во Букурешт, 2008, ни беа поставени јасен ултиматум и уцена – прво промена на името, потоа членство. Тоа важеше и за ЕУ. Ова „решение“ ни го наметнаа САД, и само САД. Никој друг во алијансата не може да донесе таква одлука. Ниту сите други заедно, без САД.

Најдиректно, и најпрецизно, овој потег покажува и потврдува дека Македонија не беше тогаш примена во НАТО, не заради некакво вето на Грција, како што кај нас мнозина верглаат во празно, туку заради став на американската администрација. Таа се дистанцира од најавата на претседателот, Џорџ Буш, дека ќе нè примат, затоа што неговиот мандат набргу завршуваше а, очигледно, приоритет за САД беше прекрстување на Македонија.

Уцената – прво името, потоа членство, постојано се повторуваше. (Рикер, „Дневник“ од 3/12/2011 – „Решение за името, па покана за НАТО“). Тоа е најдобар доказ дека не нѐ прекрсти Грција, туку САД. И сите други жестоки притисоци на САД, коишто следуваат, вклучувајќи ги и сегашните, тоа го потврдуваат.

Според „Нова Македонија“, од 4 март 2010, амбасадорот Рикер објаснил – „Ова е многу значајна пролет за Македонија, прашањето за името треба да се реши во наредните неколку месеци. Ќе треба да се демонстрираат храброст и лидерство на ова прашање за да може Македонија да оди напред…“.

Заменик државниот секретар на САД, Џејмс Станберг, („Нова Македонија“, од 10/6/2010), во интервју за „Гласот на Европа“, ни ја испрати следната порака – „Разбираме дека на премиерот Груевски му претстои тешка одлука. Секогаш е тешко во ситуации како оваа. Но мислам дека е важно македонското раководство да се фокусира на наградата, а тоа е солидна иднина во рамките на НАТО и ЕУ, што е примамливо“. Груевски не ги послуша, и знаеме како заврши.

Иако Томас Кантримен, заменик – помошник државен секретар на САД, изјавил дека – „САД не се мешаат за името“ („Дневник“ од 11/2/2011), на самитот на НАТО, во Букурешт, како што е погоре објаснето, јасно покажаа дека тие го менаџираат проблемот.

Пол Волерс е прв што јавно кажа дека проблемот со името е сврзан со идентитетот. На распит пред Комисијата за надворешна политика на Конгресот, пред номинацијата за амбасадор во Македонија („Нова Македонија“, од 18/7/2011), тој рекол – „Грчко – македонскиот спор е многу комплексен зошто освен името го засега и идентитетот“. Потврдил и дека САД се креатор на рамковниот договор, што веќе ни беше познато.

Заменик – помошникот државен секретар, Метју Палмер, („Слободен печат“, од 20/10/2018) – „Нема план ‘Б’, Договорот од Преспа треба да се имплементира во Собранието. Оваа историска шанса не смее да се пропушти бидејќи тешко дека во блиска иднина ќе се повтори“.

При посетата на Скопје, Палмер не се сретна со претседателот Иванов и лидерот Мицкоски, ама се виде со седумте нивни одметници, коишто ќе го променат Уставот.

За Вашингтон, брилјантната пресуда на Меѓународниот суд за правда, од Хаг, којашто Македонија ја доби во спорот со Грција, беше само – „мислење“ (“Нова Македонија“, од 9/12/2011 и од 10/1/2012)!? Никогаш не ги прашавме дали судовите во САД донесуваат пресуди или мислења?

Пред промената на Уставот, којашто беше срамно изгласана на 15 јануари 2019 година, во Скопје дојдоа и  министерот за одбрана, Џејмс Матис (18/9/2018), вториот човек на нивната дипломатија, Џон Саливен (18/12/2018)…, за да ни „помогнат“, де. Изјава даде и државниот секретар, Мајк Помпео („Вечер“, од 17/12/2018) дека – „определбата на Македонија за имплементација на договорот од Преспа е силна и, со приближување на процесот на уставни измени, во континуитет се реафирмира“. Прецизирал и дека – „Преспанскиот договор ќе го зајакне Балканот против штетното руско влијание“.

На 17/11/2022, во емисијата „Анализа“ на ТВ 24, претседателот Пендаровски кажа дека, пред промената на името на државата, амбасадорот на САД, Бејли, во хотелот „Мериот“, повеќе часови ги убедувал осумте ренегати и изроди од ВМРО ДПМНЕ да гласаат за промена на Уставот. Не ги присилуваше, рече. И, остана жив.

Очигледно, за него тоа било пријателско убедување а не тежок дипломатски и политички безобразлук. Факт е дека, додека заседаваше Собранието за промена на името на државата, за цело време таму бил и Бејли. Човекот сигурно бил загрижен за иднината на Македонија и на македонскиот народ. Се плашел да не ѝ свртиме грб на историјата.

Самите кажете – дали Софија, или Вашингтон, сега нѐ тера да внесеме бугарски „Тројански коњ“ во Уставот? Или, кој не прекрсти и разнебити како народ – Атина или Вашингтон? Сето ова е само нова потврда и доказ дека и името и идентитетот не ни ги смени Атина, ниту пак ќе не докусури Софија. Мора на сите да им биде јасно дека сè е во директна режија на САД. Сите овие 30 и кусур години. Нивната очигледна цел е затворање на вековното „Македонско прашање“, што е можно само со бришење на Македонците. И тоа, посветено го прават.

Еве ви уште еден крунски доказ за тоа. Според „Вечер“, од 8/8/2022, одговорниот во САД за Балканот, а според тоа и личност која мора да биде и најинформирана за регионот, Г. Ескобар, прецизно нѐ дефинира – „Ем сте Северномакедонци, ем сте европејци“. Превидел само дека сме и земјани. Веќе е јасно дека не сме – Македонци. Тоа се измислените од Грција.

Ова е, впрочем, финалето. Што мислите, зошто САД толку се мачеле за и околу нас – во НАТО, во 2008-та, да не одиме во 2001-та и порано; за реализацијата на Нивици; во убедувањата во „Мериот“; во непроспиените ноќи во Собранието, кога се уништуваше македонизмот…; околу сегашното дополнување на Уставот со „Тројански коњ“…? Заради ништо? Или, за нам да ни помогнат? Сè си има своја цел, а ако ние тоа не го разбираме, проблемот е само наш: се работи за нивните регионални интереси.

Поздрав до сите Северномакедонци.