Димоски: Предновогодишното пакетче ни пристигна, борбата за Алумина започнува!

  • Објава на Мартин Димоски, – Советник од Левица во Општина Карпош

Oбјавен деталниот урбанистички план за З06 Блок 11 кој го опфаќа просторот на поранешната фабрика Алумина. Јавната анкета започна денес и ќе трае до 15-ти месецов додека пак јавната презентација ќе се одржи на 12 декември со почеток од 13 часот во просториите на Општина Карпош.

Планот не е ништо поразличен од она што како информација го добивме на седницата на Советот минатиот месец.

Факт е! Во Општина Карпош нема простор за чудовиште како во планот. Карпошани немаат никаква потреба од вакво бетонско здание.

Општина Карпош нема инфраструктура, нема услови за нови големи градби во централното јадро.

Во тој дел од општината нема услови за голем број нови жители. Нема училишта, нема градинки, а подземната инфраструктура не сум сигурен дека го има потребниот капацитет.

Илјадниците нови автомобили на тој дел од општината уште повеќе ќе ги запушат сообраќајните “артерии“. И без овие градби сообраќајниот хаос во Општина Карпош (особено наутро и од 16 00 до 17 00 часот) е се’ поприсутен. Новиот број на автомобили дополнително ќе го нарушат и квалитетот на воздухот.

Ги повикувам јавно сите колеги советници во Општина Карпош, од сите советнички групи јавно да им ветат на Карпошани дека НЕМА да гласаат за овој ДУП.

За Алумина приказната е јасна – место за вакво нешто било каде на територија на Општина Карпош нема!