Со новите археолошки истражувања на Големо Градиште – Коњух, откриен е објект со правилна кружна форма – печка варница и сегмент од градски бедем

Археолошкиот локалитет Големо Градиште се наоѓа во близина на кратовското село Коњух. Во археолошката литература, локалитетот е познат како втор по големина, по Скупи и како редок пример на град подигнат кон крајот на 5 – почетокот на 6 век н.е.,во римската провинција Дарданија на Источното Римско Царство,

Неговата површина од околу 17 хектари, вклучува акропола на издолженото зарамнето плато на ридот Големо Градиште со две станбени тераси на северната и јужната падина на ридот, заштитени со силен бедем, и три цркви и некрополи надвор од бедемите на градот.

Планот на градот, тврдините и црквите истовремено претставуваат рана фаза на развојот на европскиот урбанизам и религиозното наследство.

Со археолошките истражувања реализирани помеѓу 1998-2004 г., беа откриени капии, улици, скали и неколку резиденцијални и јавни градби, со темели вкопани во меката карпа.  Дел од нив, меѓу кои големата цистерна за вода, се видливи и денес на акрополата. Доминантноста на ридот над пошироката околина била од голема стратешка важност за безбедноста на градот и неговите жители во немирните времиња на 6 век. Локалитетот е познат и по бројните простори и издлабени во карпата, откриени на југозападната страна на ридот.. Неговата големина, местоположба и очигледната економска моќ го идентификуваат како важен стратешки и административен центар во овој регион во времето на доцната антика.

Систематското археолошко истражување на локалитетот Големо Градиште, кај с. Коњух, Кратово, се одвива во континуитет од 2000 година, во соработка помеѓу Археолошкиот музеј на Македонија и Гетисбург колеџот од Пенсилванија, САД, а од оваа година, нов партнер во реализацијата на истражувањата е и Универзитетот „Сајмон Фрејзер“, од Ванкувер, Канада.

Оваа година, во рамките на теренските активности преку вкупно 10 сонди беа истражувани различни сегменти од градот.

На северната тераса, каде е лоцирано главното градско јадро, се доистражуваше југозападниот простор на големиот квадратен анекс објект дограден северно до Епископската базилика, веројатно во втората половина на 6 век. Овде беа откриени градежни елементи кои ја објаснуваат поврзаноста на овој објект со нартексот на црквата и начинот на надминување на висинската разлика помеѓу двата објекти, а исто така открија елементи кои укажуваат постоење на втор кат над квадратниот објект, кој можеби водел и кон галериски простор над нартексот на базиликата.

Северно од анекс објектот и Епископската резиденција продолжи истражувањето на просторот на градскиот плоштад, при што се добија нови податоци за големината и планот на квадратната конструкција откриена на овој простор во 2022 година.

На јужната страна од црквата започна доистражувањето на просторот источно пред крстилницата кон кој водел ходник изведен веднаш покрај јужниот ѕид на базиликата. Со тоа се очекува да се добијат нови податоци за архитектурата и карактерот на овој простор како уште еден сегмент од комплексот градби на главната градска црква.

Со контролна сонда поставена на југозападниот дел на северната тераса, покрај самата патека која води кон локалитетот се откри сегмент од бедемот. Правецот на бедемот кој остава впечаток дека отстапува од линијата на падината наведува на можноста за остатоци од кула.

Оваа година, во Сектор III, на место викано „Ракле“ се направи заштитно истражување на случајно откриени остатоци од ѕидови од глина и малтер. Со истражувањето се откри објект со речиси правилна кружна форма и пречник од 2.10 м, најверојатно печка варница. Печката е ѕидана од глина и обложена со варов малтер од внатрешната страна. Таа била калотеста и вкопана делумно во теренот кој постепено се искачува кон исток, со што останала зачувана во овој дел во висина од са. 1.5 м. Овој наод ја сугерира позицијата на „индустрискиот“ дел на градот на Големо Градиште и неговата околина.