Невена Георгиева – Дуња – Убиена на 17 години од бугарските фашисти

Невена Георгиева – Дуња првата и најмлада партизанка, која на само 17 годишна возраст, свирепо е убиена од бугарските фашисти, родена на денешен ден, 25 јули 1925 година во Скопје.

Откако тешко ја раниле, го масакрирале нејзиното мртво тело, ѝ ја отсекле главата и ја набиле на кол и така ја шетале низ велешките села за да се заплаши востанатиот македонски народ. За да предизвикува страв на граѓаните на Велес, нејзината глава ја ставиле во централен излог. Загинала во судир со бугарската окупаторска полиција на 16 декември 1942 година во велешко Нежилово.

Георгиева станува борец на Скопскиот партизански одред при неговото создавање на 22 август 1941 година. Уште 1941 година била примена во СКОЈ. Растурањето на летоците го изведувала со нивно криење меѓу шиените фустани, па така не можела да биде откриена од окупаторската фашистичка бугарска полиција. Одела од куќа до куќа и пренесувала разновиден материјал и пораки. Важела за бистра, пргава и една од највиталните скоевки во извршувањето на курирските задачи. Поради својата голема активност непријателот ја забележал, па затоа поминала во илегалство.

Во септември 1942 година станала борец на Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Зимата 1942 година одредот бил нападнат кај селото Папрадишта. Се развила жестока нерамноправна битка во која непријателот бил далеку поброен. Неколку партизани на чело со Дуња ја бранеле нивната позиција. Нејзината смела борба ги бодрела и нејзините соборци да издржат до крај. Меѓутоа, по неколкучасовна огорчена борба, херојски загинала од фашистички рафал.

Така на седумнаесетгодишна возраст згасна животот на оваа смела партизанка, која останува светол пример на идните генерации. Вечна ѝ слава!