Премиера на претставата „Иванов“ во Македонскиот народен театар
Вечерва со почеток од 20 часот на Големата сцена во Македонскиот народен театар премиерно ќе се одигра претставата „Иванов“, по текст на Чехов. Преводот од руски јазик го направи Драгица Најческа, а адаптацијата и режијата се на Зоја Бузалковска.
Во претставата ќе играат Благој Веселинов, Драгана Костадиновска, Оливер Митковски, Ѓорѓи Јолевски, Звездана Ангеловска, Дарја Ризова, Григор Јовановски, Нина Деан, Александар Ѓорѓиески, Александар Михајловски, Николина Кујача, Ивица Димитријевиќ и Мартин Ѓоргоски.
Сценографијата е на Бузалковска, Илина Ангеловска и Тодор Дајевски, костимите на Роза Трајческа-Ристовска, а музиката на Давид Ангелевски.
„Иванов“ по 39 години повторно се поставува на сцената на МНТ, каде што Чехов беше застапен и со драмите „Галеб“, „Три сестри“, „Вишновата градина“, „Малиот човек“ и „Вујко Вања“.
Антон Павлович Чехов (1860-1904) се смета за еден од најголемите руски, но и светски драматичари.
Драмата „Иванов“ е негово прво поставено дело во театар и ја доставува како драма во четири чина, која ја напишал за десет дена. Премиерно е изведена на 19 ноември 1887 година, во театарот на Фјодор Корш во Москва, тогаш мошне популарен кај тамошната публика. На денот на премиерата реакциите на публиката се различни: од громогласно аплаудирање, до свиркање, скокање од места и тропање со нозете до тепачка во галеријата. Но, во целост претставата имала успех, дури била и забележена. Сепак, поставката го потиштува самиот Чехов. Во писмото до неговиот брат, тој вели: „не ги препознавам своите први забелешки како мои“ и дека актерите „не ги знаат своите делови и зборуваат глупости“. Иритиран од ова, Чехов прави измени на драмата со што конечната верзија е различна од онаа првата. Изменетата верзија на драмата е прифатена во Санкт Петербург, каде што се изведува во 1889 година. Ревидираната верзија е успешна и нуди предзнак на стилот и темите на неговите следни ремек-дела.
Во Македонија Чехов за првпат е поставен во 1950 година, во Театарот на народностите – Турскиот театар, каде што таа година се поставени драмите „Мечка“ и „Просидба“. Оттогаш, низ годините, на различни сцени се поставени сите негови драми.
Денешната поставка на драмата „Иванов“ е втора поставка на истоимената драма во Македонскиот народен театар. Првата премиерно е прикажана на 25 октомври 1984 година, во режија на Бранко Ставрев, со сценографија и костимографија на Владимир Георгиевски и избор на музика на Љупчо Константинов. Главната улога ја толкува Ристо Шишков, а во останатите улоги се: Јоана Поповска како Ана Петровна, Кирил Ќортошев како Матвеј Семјонович Шабељски, Душко Костовски како Павел Кирилович Лебедев, Љупка Џундева како Занаида Савишна, Славица Ковачевиќ-Јовановска и Емилија Андреева како Саша, Томе Витанов како Евгениј Константинович Љвов, Катерина Крстева како Марфа Егоровна Бабакина, Чедо Христов како Дмитриј Никитич Косих, Кирил Ристоски како Михаил Михаилович Боркин, Цветанка Јакимовска како Авдотја Назаровна, Александар Шехтански како Егорушка, Игор Џамбазов како Дудикин и Раде Мадиќ како Гаврил.