Зошто Македонија има застој во капиталниот развој?
- Пишува Јулијана Штрковска-Колариќ – Координатор на Левица – Сектор финансии
Капиталните расходи се двигател на економијата и затоа е потребен стратешки пристап при нивното проектирање, како и во реализацијата. Овие средства иако треба да бидат многу повисоки од буџетскиот дефицит (патем во здрава економија не би требало да се проектира дефицит) од 2020 година забележан е поголем пад. После три години, во Предлог Буџетот за 2023 година, проектирани се капитални расходи во износ од 795 милиони евра, нешто повисоки од дефицитот. Меѓутоа структурата на капиталните расходи видно е изменета последниве пет години. Заклучно со 2018 година, најголемо учество во капиталните расходи беа проектирани за други градежни објекти (67% vo 2017 г, 45 % во 2018 г. од вкупните капитални расходи). Од 2019 година, сè повеќе расходи се проектираат на сметката 485 – Вложувања и нефинансиски средства и 489 – Капитални субвенции за претпријатија и невладини организации
Со Предлог Буџетот за 2023 година дури 40% ќе се потрошат за капитални субвенции за претпријатија и невладини организации, 16% за вложувања и нефинансиски средства и само 20% остануваат за градежни објекти и изградба и реконструкција на патна инфраструктура. Развојната компонента во буџетот е минимизирана поради изменетата структура на трошење на јавните пари во последниве години.
Дел од средствата за капиталните субвенции за претпријатија и невладини организации, може да се користат по претходно донесена годишна програма за финансирање од страна на Владата, а по предлог на буџетскиот корисник. Нетранспарентноста во доделувањето на овие средства кои изнесуваат 321 милион евра, остава сомнеж во нивната реализација, посебно што со буџетот дополнително се предвидени субвенции и трансфери кои не се капитални во износ од 538 милион евра. Неотчетноста и отсуството на мониторинг во реализацијата на капиталните проекти за кои се наменети овие средства, го става приватниот интерес над јавниот.
Раст и развој не се постигнува со расипничко трошење на парите од народот, а особено нивната намена за капитални субвенции за претпријатијата и невладинита организации и вложувања и нефинансиски средства, не само што нема да го забрза капиталниот развој, напротив, повторно ќе се одлеат средства во приватни џебови. Затоа Македонија со децении гради и реконструира патна и железничка структура, клинички центри, училишта, студентски домови и никако не може да постигне рамномерен регионален и рурален развој.
Голем дел од овие проекти се финансираат со надворешни задолжувања и повторно неспособноста на власта доаѓа до израз, затоа што поради неповлечени средства, ја задолжија Македонија со 58 милиони евра, кои треба да се платат за нејзината нефункционалност и дополнителни 8,5 милиони евра за раскинување на договорт за изградба на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
- Табела 1: Структура на капитални расходи по години
КАПИТАЛНИ РАСХОДИ | 2014 г. | 2015 г. | 2016 г. | 2017 г. | 2018 г. | 2019 г. | 2020 г. | 2021 г. | 2022 г. | 2023 г. |
Купување на опрема и машини | 17% | 16% | 15% | 10% | 17% | 17% | 18% | 21% | 21% | 18% |
Градежни објекти | 8% | 7% | 6% | 3% | 3% | 4% | 4% | 4% | 4% | 3% |
Други градежни објекти | 45% | 48% | 51% | 63% | 39% | 34% | 30% | 27% | 27% | 17% |
Купување на мебел | 1% | 1% | 1% | 1% | 1% | 1% | 1% | 1% | 0% | 0% |
Стратешки стоки и други резерви | 5% | 5% | 5% | 4% | 5% | 7% | 6% | 3% | 5% | 3% |
Вложувања и нефинансиски средства | 5% | 6% | 6% | 5% | 6% | 15% | 19% | 30% | 17% | 16% |
Купување на возила | 3% | 1% | 1% | 1% | 1% | 1% | 1% | 0% | 1% | 0% |
Капитални дотации до ЕЛС | 4% | 3% | 3% | 2% | 6% | 7% | 7% | 4% | 3% | 2% |
Капитални субвенции за претпријатија и невладини организации | 14% | 13% | 13% | 11% | 21% | 14% | 15% | 10% | 21% | 40% |