Измени на законот за високо образование со цел централизација на УКИМ и другите универзитети

  • Реакција на Левица – Сектор образование

Најавата на министерот за образование Јетон Шаќири дека во тек се промени на Законот за високо образование ја разбранува академската јавност. Министерот се правда дека станува збор за промени кои ќе придонесат за подобра регулација на оваа сфера, но ако е така, која е причината што истите се случуваат во најголема тајност?

Наводно, иницијативата потекнала од Интрауниверзитетската конференција ама, никој друг не знае за што станува збор: ниту сенаторите, ниту деканите, а уште помалку наставно-научните совети.

Не мал број професори стравуваат дека промените кои се спомнуваат и кои ќе бидат инкорпорирани во новиот ЗВО според сите неформални извори (формални сѐ уште нема) се истите оние поради кои пред неколку години започна т.н Шарена револуција.

Имено, една од целите на скришните промени е да се ослободат изборните мандати на академските функционери за наместо досегашните максимум два последователни мандати да можат да бидат бирани неограничен број пати.

Друга значајна промена за која се зборува дека ќе биде дел од новиот ЗВО е централизацијата на универзитетите односно одземањето на автономијата на единиците на универзитетите и концентрација на моќ во рацете на ректорот и ректорската управа. Универзитетскот сенат повеќе не би бил орган на управување, туку неговата улога би се свела на советодавно тело.

Должината на мандатите би се продолжила од 3 на 4 години при што тоа би важело ретроактивно и за веќе избраните академски функционери, би се продолжил периодот за пензионирање на професорите до 70 години, професорите би имале услов за избор во звање според број објавени трудови со импакт фактор, и други промени.

Доколку се вметнат вакви промени во ЗВО, тогаш ќе биде повеќе од јасно дека предлагачите и изготвувачите биле водени од само лукративни причини како што е желбата за неограничена моќ. Ако пак целта на најавените промени во ЗВО имаат за цел подобра регулација на оваа сфера, како што изјавува министерот, тогаш логично се наметнува прашањето зошто е потребна конспиративност?

Го повикуваме Министерот за образование јавно да ги обзнани предлог промените во ЗВО и да појасни на каков начин секоја од овие промени би го подобрила квалитетот на високото образование! Воедно го потсетуваме дека автономијата на универзитетите е со Устав загарантирана!