Симонов: Од теоретско – политички до практично ДУИстички систем

м-р Александар Симонов, член на Централен Комитет на Левица


Теоретскиот – политички систем, чија задача беше да биде функционален, за да ја обезбеди уставнозагарантираната еднаквост и спроведе демократијата, во нашата внатрешна имплементација разви свои принципи за еднаквост, кои пуштија длабоки корени во функционирањето на јавната сфера. Денес, распределбата на новата (особено рамковна) еднаквост, создаде стандарди преточени во традиција, која претставуваат непропишана норма, кои мошне се косат со основите на демократијата. 

За да не звучи премногу апстрактно, ќе се обидам илустративно, врз основа на освоените гласови од последните избори и стекнатата моќ за управување преку извршната власт изразено во проценти (затоа што така најдобро се формира јасна слика) да објаснам колку е изДУИзирана работата. 

На последните парламентарни избори, ДУИ освои 11,48% од гласовите, односно 5.8% од вкупниот електорат. Со ваквата електорална поддршка, тие имаат 15 мандати во Парламентот, што е 12,1% од вкупната моќ во законодавниот дом. Политички субјект, поддржан со 5.8% од вкупниот електорат е застапен на раководни позиции во извршната власт со 37,5%, односно, раководи со шест од шеснаесетте министерства. 

Ако ги анализираме раководителите на министерствата врз основ на етничка припадност, тогаш во оваа влада, припадник на албанската етничка заедница раководи (министер е албанец) со 43,7% од министерствата, додека припадници на други немнозински етнички заедници нема. Слична е ситуацијата и со претходните влади. Прашање на кое треба да се најде одговор е: Кога последен пат припадник на ромската етничка заедница бил министер?

Во мултиетничкото општество, застапеноста во составите на владите еволуира од состав во состав, при што најважно за граѓаните е стручноста на оние кои ја водат државата. Нашиот ДУИстички систем покажа дека само еден од министрите на ДУИ има образование кое целосно одговара на министерството со кое раководи. Изразено во проценти, 83,4% од „нивните“ министри имаат образование кое не е целосно поврзано со работата која ја работат. Па така:  

  1. Министер за надворешни работи e Бујар Османи кој е хирург – специјалист;
  2. Министер за политички систем и односи меѓу заедниците е Артан Груби, кој по образование е новинар, моментално е на студии кои подиректно се поврзани со министерството со кое управува, но сè уште се нема стекнато со потребната титула;
  3. Министерството за економија го води  Крешник Бектеши, кој има завршено Менаџмент и бизнис администрација;
  4. Министер за животна средина и просторно планирање е Насер Нуредини кој  дипломирал меѓународен бизнис;
  5. Mинистер за финансии е Фатмир Бесими, кој по образование е економист и е единствениот кој има образование кое е директно поврзано со ресорното министерство кое го води;
  6. Министер за информатичко општество и администрација е Јетон Шаќири, кој исто така е економист. 

Интересно е дека ниту еден од министрите (земено севкупно, не само на ДУИ) во текот на образованието немал никаква релација со (то ест не е кадар произлезен од) Универзитетот Гоце Делчев – Штип, што не е случај со послабо рангираните (согласно Шангајската листа) државни Универзитети.

Сега веќе „зелената партија“, која од севкупниот електорат има поддршка 5.8%, треба да добие претседател (то ест премиер), во идната техничка Влада. Истата претходно е дел од секој владин состав и во целото свое постоење, не само што има клучна улога во разнебитувањето на македонскиот бит, туку позади себе има скандали во секоја институција со која раководел нејзин кадар (доволно е да се сетиме само на скандалот во ПИОМ каде беа злоупотребени парите на осигурениците во вториот пензиски фонд,). Партијата која учествуваше и во владата на „режимот“ и денес во владата на „хибридниот режим“, според ‘Економист’, не спроведе ништо освен национал-трибалистичките политики како: aмнестирање на терористите; закон за двојазичност; промена на име; уништување на институции; рамковни исплаќања на плати на луѓе кои ништо не работат; блокирање на бројни закони; неплаќање на данок во места каде тие управуваат со локалната власт; поставување на терористи за државни функционери;  бројни трибалистички барања речиси во секоја законска регулатива; и т.н. 

Денес тие стигнаа да актуелизираат нови прашања како што се грбот, знамето и химната на Републиката, веројатно тоа е најважното за благосостојбата на етничката заедница која ја претставуваат.