Британскиот апелационен суд пресуди во корист на Венецуела за враќање на нивното злато

Британскиот апелационен суд пресуди во корист на Владата на претседателот Николас Мадуро во битката за враќање на златото во сопственост на Венецуела во вредност од 1 милијарда долари, кое беше чувано во Банката на Англија. Со ова се поништи претходната судска одлука.

Претходно годинава, Врховниот суд на Обединетото кралство донесе одлука во корист на опозиционерот Хуан Гуаидо, изјавувајќи дека Лондон недвосмислено го признава како „привремен претседател“ на јужноамериканската нација, наместо претседателот Мадуро. Одлуката беше донесена додека двете страни се бореа за тоа која да добие пристап до златните резерви на Венецуела, складирани во трезорите на Банката на Англија. 

Апелациониот суд во понеделникот ја поништи претходната одлука донесена од понискиот суд, велејќи дека случајот со златото треба да се преиспита. Судиите утврдија дека изјавите на владата на Велика Британија за Гуаидо не ја рефлектирале реалноста на теренот. Признавањето на Гуаидо од страна на Лондон е „двосмислено, или во секој случај помалку од недвосмислено“, рече судијата во пресудата.

Правниот тим на Мадуро на сослушувањата во септември инсистираше дека избраниот лидер „де факто“ ја држи власта во Венецуела.

Централната банка на Венецуела, поддржана од Мадуро, се обидуваше да си го добие златото, велејќи дека на земјата и’ требаат средства за борба против епидемијата на коронавирусот, вклучително и набавката на потребна медицинска опрема. Опозицијата велеше дека средствата може да бидат злоупотребени и се обидуваше да го блокира пристапот на владата на Мадуро. Британскиот суд застана на страната на Гуаидо, откако Венецуела ја тужеше Банката на Англија поради тоа што го држеше нејзиното злато, но во јуни Каракас го освои правото да ја оспори одлуката.

Правните експерти коментираа дека исходот на случајот може да претставува „дополнителна закана за меѓународната перцепција дека англиските институции не се ослободени од политичко мешање, како и на угледот на Банката на Англија во странство како безбедно складиште за суверени средства“.