МНР и Османи застана во одбрана на бугарските клубови именувани по фашистички дејци
Клубот „Цар Борис III” во Охрид, кој беше отворен минатата недела во многу тензична атмосфера и протести кои беа организирани од Политичката партија Левица, заврши со искршена табла, само неколку дена по неговото отварање.
При отварањето на „клубот“ граѓаните на протестите бурно реагираа и сметаат дека името кое го носи клубот е за провокација и означува рехабилитирање на фашизмот.
Непосредно пред отварањето на уште еден клуб со име на фашистички деец и соработник Министерството за надворешни работи (МНР) излезе со став дека граѓаните имаат право на здружување, оправдувајќи го чинот на рехабилитација на фашистички идеи и воопшто не го осуди овој чин.
Македонија, како демократска земја во која слободите и правата на човекот и граѓанинот се издигнати на ниво на темелна вредност на Уставот и државноста, ќе продолжи да го заштитува правото на сите граѓани и заедници да го изразуваат, негуваат и развиваат својот етнички, културен, јазичен и верски идентитет, како и слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, – соопштија тогаш од МНР.
Вчера, откако беше демолирана таблата на клубот, МНР и Османи повторно застанаа од другата страна. За нив нема проблем во тоа да се отвори фашистички клуб и тоа е дозволено, но спротивставувањето на фашизмот од страна на народот го оценуваат како вандалски чин, по што веднаш пристапија кон негово осудување.
Министерството за надворешни работи на Македонија најостро го осудува оштетувањето на таблата на која е испишано името на неодамна отворениот бугарски клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид. За МНР ова е вандалски чин.
Од МНР потсетуваат дека според Уставот, и според долгогодишната пракса во земјава, сите граѓани на земјава имаат еднаква слобода на здружување заради остварување на нивните права и уверувања.