АктуелноЕУЛокално

„АСНОМ живее“ – е главната парола на денешниот протест против бугаризација на Македонија

Протестите против бугаризација на Македонија чија цел е да се одбие „францускиот предлог“ согласно кој интегрирањето во ЕУ за Македонците ќе значи да останат без јазик, култура историја и идентитет продолжуваат десети ден по ред.

Денешната рута на протестниот марш беше идентична на онаа од вчера. Поворката тргна од пред Владата, продолжи покрај Министерството за правда и традиционално заврши пред Собранието на Република Македонија, местото каде се очекува да биде донесена одлуката „ЗА“ или „ПРОТИВ“ бугаризација на Македонија.

Протестирачите започнаа традиција со испишување на пароли со големи црвени букви на асфалтот пред државните институции. Пред Владата осамна паролата „No pasaran“ пред Министерството за правда осамна моќната парола инспирирана од Коста Солев Рацин „Ќе победиме“, за денес ваква парола да осамне пред Собранието.

Денешната парола со која протестирачите ја почестија политичката елита беше „АСНОМ ЖИВЕЕ“ – паролата беше напишана на булеварот помеѓу Собранието и споменикот на АСНОМ во Жена парк.

Мотив за истата е против желбата на квислиншката власт (која претходно го бришеше АСНОМ од Уставот) да дозволи ревидирање на македонската историја, во конкретниов случај „прекројување на вистината“ за анти-фашистичката борба против бугарскиот фашистички окупатор на македонскиот народ во Втората светска војна.

На денешниот протест огромно внимание привлече и хамерот посветен на Вера Циривири – Трена која на 14 јули 1944 година, била опколена од окупаторската полиција, за да не се даде жива на окупаторот, се самоубила.

Мртвото тело на Вера, бугарските полицајци откако го силуваат го избоделе со бајонети и го фрлиле во реката Брегалница, случајно го наоѓа еден овчар, кој ја погребува подалеку од реката.