(Видео) „Ќе победиме“ е главната парола на денешниот протест против бугаризација на Македонија

По вчерашната пауза заради празникот Курбан Бајрам, денес продолжуваат протестите против бугаризација на Македонија. Протестниот марш денес започна пред Владата, продолжи покрај Министерството за правда, а заврши пред Собрание.

Протестирачите откако пред неколку дена со црвена боја ја напишаа паролата „No pasaran“ пред Владата на Република Македонија, денес нова парола се појави пред Министерството за правда, каде што беше напишано „Ќе победиме“.

Генералниот секретар на Политичката партија Левица, Јована Мојсоска, објави фотографија со оваа парола на својот фејсбук профил, каде беа цитирани зборовите на македонскиот поет, партизан и револуционер Коста Солев Рацин „Кажете и на мајка ми нека не жали оти сепак ние ќе победиме!“.

Денешната парола напишана пред Министерството за правда, всушност е инспирирана од Рацин, кој во време на борбата со фашистичкиот окупатор, секогаш на крајот од писмата што ги испраќал му биле завршувани токму со овие зборови.