Фајненшал тајмс: Ниту една земја нема да влезе во ЕУ со години или децении

Според Фајненшал тајмс Чешка, која го презеде претседавањето со ЕУ во почетокот на јули, активно размислува за подобрување на процесот на проширување. Еден од фокусите на оваа земја како што велат официјалните претставници во Прага, е да им се дадат некакви предности на земјите со кандидатскиот статус.

После подолго време, конечно земја членка на ЕУ претстави размислување кое за разлика од досегашните кои претставуваа усложнување на процесот на интеграција до фаза на негова невозможност, содржи идеја која не е бирократска.

Потсетуваме, претходно од Чешка беше критикуван „францускиот предлог“ кој го окарактеризираа како преседан на ЕУ, а беше поставено и прашањето, дали доколку се прифатат бугарските барања значи дека сите словенски народи учеле погрешна историја?

Иако заради доделување кандидатски статус за членство во ЕУ на Украина и Молдавија се создаде лажна слика за некаква желба за ново проширување на Унијата, сепак, фактот дека ЕУ не размислува за проширување останува реалност во која веројатно уште долго ќе живееме.

Според Фајненшал тајмс, ниту една земја веројатно нема да влезе во ЕУ со години или децении.

Министерот за надворешни работи на Чешка Јан Липавски се согласи дека проширувањето е толку долг процес што би било добро да им се даде на кандидатите за членство „нешто практично“ што ќе ја подобри позицијата на ЕУ и ќе донесе економски придобивки.

Дополнително, Прага се нуди да биде домаќин на неформален самит на лидерите на ЕУ и земјите кои не се членки во октомври.