И по не знам кој пат – народот не им чини!

Резултатите од првиот круг на претседателските избори се еднозначни. Стево Пендаровски, тој отмен „натпартиски“ кандидат, доживеа спектакуларен дебакл. Исходот е јасен: иако освои 4000 и кусур гласови повеќе од Гордана Силјановска, Стево го изгуби првиот круг од претседателските избори и ги шокираше поддржувачите (отворени и латентни) на власта.

Седнати низ кафаните во Дебар Маало, боемските „неопределени“ граѓани, таа шака луѓе од „инфлуентни“ твитераши и борци за правда на социјалните мрежи, одгатнуваат што се случи во неделата. Сите мозочни виуги им работат до даска за да ги срочат нивните мисловни екскурзии, новите твитови, ФБ статуси и колумни. Имаат тешка мисија пред нив: да нѐ убедат сите дека сме глупи и дека не заслужуваме подобро, ако дозволиме Силјановска да стане наредниот претседател на Република Македонија.

„Само ВМРО да не ги вратиме“ е нивното „ВМРО до гроб“. Тие немаат ништо против апсолутна и вечна власт – тие се против апсолутна, вечна и каква било власт на ВМРО. За нив, најубаво би било СДСМ да владеат наредните пет века, а тие да се жалат за менталитетот на народот кој не фрла пикавци во контејнери или за Шилегов кој не поставил доволно контејнери во Скопје, и секако, само во Скопје, затоа што народот надвор од Скопје не е вреден ни да биде споменат од овие просветлени вселенски граѓани. И најлошото од СДСМ е подобро од најдоброто од ВМРО, извикуваат „интелигенто“.

Не е проблем тоа што СДСМ не исполни ништо од ветеното. Не е проблем што СДСМ го смени уставот, го смени името на Републиката и што го донесе т.н. Закон за двојазичност, за кои експлицитно ветуваше во своите предизборни кампањи дека нема да го стори. Проблем е што ВМРО си го погазуваше зборот за време на груевизмот. Не е ни проблем што СДСМ не ги покачи платите на 500 евра, што не го оправи судството, што никого не затвори од претходната криминална власт, што го дозволува отварањето на рудниците, што не прави ништо во врска со загадувањето. Проблем е што груевизмот не го исполнуваше ветеното.

Ајде да збориме за Грујо! И само за Грујо, секогаш кога СДСМ се понаша како Грујо на стереоиди! Ајде да збориме колку е опасно груевизмот да се врати, дур Заев му дозволува да побегне во Будимпешта. Ајде да збориме колку Мијалков ја украде државата, додека СЈО бара да го пуштат во куќен притвор. Не е сјајно, не е ни добро, станува и полошо, ама ајде да збориме за тоа колку беше лошо кога ВМРО имаше апсолутна власт и латентно да навиваме сега СДСМ да има апсолутна власт!

И на крајот, за оваа боемска граѓанштина, ние сме криви што не сфаќаме дека ВМРО е ултимативното зло, или, дека само ВМРО е зло. Ние сме тие боси, гладни, небањати и глупи кои не сфаќаме дека треба да гласаме за Стево. Ние, што работиме по 10 саати на ден за власта да има што да краде – е ние не чиниме за оваа елитистичка стока отсечена од реалноста, што плаче за сликите на Кардула кои фаќаат прашина, а нема појма дека нам детските соби, полиците и фрижидерите ни фаќаат прашина!

Само љубов, луѓенца. И само урбано. И извинете што ви го закочивме сонот да се движите ЗАЕДНО НАПРЕД со Стево, Заев, Вицето и компанија. Во право сте – ние не чиниме, што увидовме дека нема место баш за нас во тој ваш сон!

Став на Јован Крајевски, член на Президиумот на Левица.